Правдата ќе ги стигне сторителите на убиството, порачаа Иванов и Груевски

Претседателот Ѓорѓе Иванов  и премиерот Никола Груевски го осудија убиството на петте лица кај скопското село Смиљковци. Тие сочувствуваат со семејствата на жртвите, а на сторителите на свирепото убиство им порачаа дека правдата е достижна.

- Овие денови не можеме, а да не си спомнеме за убиството на петтемина и да сочувствуваме со нивните семејства и со нивните блиски. Очекуваме тие тоа што го сториле да бидат пронајдени и да бидат казнети, изјави претседателот Иванов по свечената литургија во Соборниот храм „Св Климент Охридски“ по повод Велигден.

Премиерот Груевски им испрати сочуство на семејствата на убиените петмина во трагичниот настан кој се случи во четвртокот.

- Овој настан сите нас не погоди. Не погоди до срж, меѓутоа мораме да останеме исправени, да продолжиме да се справуваме со предизвиците. Сакам да им испратам порака и на сторителите на овој настан дека кога тогаш правдата ќе ги стигне и казната ќе ги стигне - и од Законот и од Бога, ако воопшто разбираат што значи тоа, посочи премиерот Груевски.