Редовна седница на Економскиот совет

Во Владата на Република Македонија денеска (понеделник, 16 април 2012 година) се одржа редовна седница на Економскиот совет со која претседаваше претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски.

На седницата се разгледуваа повеќе информации за тековни проекти од сферата на економскиот систем, градежништвото, образованието и земјоделството.

Економскиот совет ја разгледуваше информацијата за спроведените активности за воспоставување едношалтерски систем за добивање на градежни дозволи, при што беа донесени заклучоци за реализација на следни активности кои што треба да бидат спроведени од страна на институциите со цел практична имплементација на овој проект.

Исто така, Економскиот систем ја разгледуваше и информацијата за спроведувањето на проектот за електронски потпис и електронска архива. Во тој контекст, се заклучи дека има позитивен тренд во користењето на електронскиот потпис од страна на граѓаните и субјектите, при што со цел тој тренд да се зголеми во иднина потребно е институциите да пристапат кон проширување на обемот на услуги кои што може да се даваат по електронски пат. За таа цел се предвидува и донесување соодветна законска регулатива за водење електронска архива.

Економскиот совет го разгледуваше и предлогот за донесување Закон за ваучери за иновации, при што се заклучи во следната недела да се финализираат деталите на овој законски проект од страна на Комитетот за претприемништво и иновации и потоа да се достави во владина процедура.

На седницата на економскиот совет се разгледуваше и информацијата за спроведувањето на мерката за намалувањето на цената за регистрирање фирма од страна на студенти за 50%, при што се донесоа заклучоци за дополнителни олеснувања за оваа постапка од страна на Централниот регистар, а воедно се разгледуваше и информацијата за доделување на стипендии за студии во странство за што Министерството за образование и наука во следните денови детално ќе ја информира јавноста.