Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Фатос Река, амбасадор на Република Албанија во нашата држава.
На состанокот е врачено писмо од премиерот на Албанија, Еди Рама, со честитки за мандатот на премиерот Ковачевски и изразена верба за натамошно унапредување на соработката во сите области од полза за граѓаните на двете држави.
Пренесено е и дека Република Албанија ја поддржува Република Северна Македонија во сите развојни процеси.
Исто така, на средбата е констатирано дека двете земји имаат добра политичка соработка и дека во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, придонесуваат за унапредувањето на добрососедските односи во регионот и во европски перспективи на државите од Западен Балкан.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за писмото од премиерот Рама. Воедно, посочи дека негов фокус и на Владата се инфраструктурните проекти коишто ги поврзуваат државите соседи, бидејќи на тој начин се унапредува и соработката и помеѓу граѓаните и помеѓу државите.
„Со соседите сакаме да имаме најдобри релации. Насочени сме кон реализација на проектот Коридор 8 којшто е важен за поврзувањето на Северна Македонија, Албанија и Бугарија, како и на Коридорот 10. Инфраструктурните проекти го подобруваат квалитетот на живот за граѓаните, но тие се потреба и на државите коишто преку нив ги развиваат односите и соработката“, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е потврдена определбата за натамошен развој на билатералната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.