Нечас: Евроатлантската интеграција на Македонија е во интерес и на ЕУ и НАТО
Чешката Република го поддржува членството на Македонија во ЕУ и во НАТО бидејќи смета дека тоа е од интерес не само за земјата, туку и за Европската унија и за Северноатланстката алијанса, изјави чешкиот премиер Петар Нечас на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со македонскиот премиер Никола Груевски.
- Чешката Република долгорочно го поддржува стремежот на Македноија за влез во ЕУ и НАТО. Ве поддржавме и во Букурешт. Го поддржуваме проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан бидејќи зачленувањето во НАТО и во ЕУ значи проширување на зоната на безбедност и од тој аспект ја имате нашата целосна поддршка, рече Нечас. Изрази подготвеност за споделување на чешките искуства во процесот на приспатпување кон ЕУ, особено во делот на усвојувањето на европското законодавство.
Тој се осврна и на унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји кон што треба да придонесе и делегацијата од чешки бизнисмени, која го придружува во неговата официјална посета на Македонија.
Премиерот Никола Груевски се заблагодари за отворената поддршка на Чешката Република на членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Посочи дека во разговорите го информирал својот чешки колега за реформите кои земјата ги спроведува во насока на исполнувањето на Копенхашките критериуми за почнување на преговорите за членство во ЕУ, како и за активностите на земјата во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго. Во тој контекст премиерот Груевски информирал и за деталите од пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг со која недвосмилено е оценето дека Грција ја прекршила Времената спогодба со блокирањето на влезот на Македонија во Алијансата во Букурешт во 2008 година. Се осврнал и на почнувањето на пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.
- Почнувањето на пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и ЕУ претставува позитивен чекор во вистинска насока меѓутоа не е и не може да биде замена за почеток на преговорите за членство. Но, од друга страна ќе придонесе за прогрес и за завршување на одредени реформи кои би се завршувале кога би започнале преговорите, така што кога ќе започнат официјалните преговори тие ќе бидат значајно пократки затоа што овој период преку овој висок пристапен дијалог ќе завршиме кога би отпочнале официјалните преговори, рече Груевски.
Тој искажа задоволство од унапредувањето на економските релации меѓу двете земји со оглед дека во 2011 година двојно е зголемена трговската размена во однос на 2010 година. Го поздрави и присуството на делегација на бизнисмени од Чешката Република во Македонија како можност за директни контакти со македонските стопанственици што, вели, претставува незаменлива алатка за унапредување на економската соработка, трговската размена меѓу двете земји и ионвестицвиите. Во тој правец Груевски најави следната година посета на Чешката Република од страна на владина делегација придружувана од бизнис делегација.
- Таргетирани ќе бидат компании кои што ги надминале националните граници на Чешка, реализирајќи огромни проекти дома и кои што бараат региони за инвестирање и правење бизнис надвор од Чешката Република, рече македонскиот премиер во однос на зајакнувањето на економската соработка на двете земји.
Според Нечас, чешките компании кои се заинтересирани да инвестираат во Македонија, ја имаат целосната поддршка од чешката Влада, а добил уверување и за посветеноста на македонските власти да ја дадат сета потребна помош. Интерес кај чешките бизнисмени има за учеството на тендерите, како и влегувањето во проекти од областа на енергетиката, инфраструктурата, руднопто богатсво и екологијата. - Чешката Република ги поддржува своите бизнис субјекти кои се заинтересирани да учествуваат на овие тендери. Чешката Влада преку својата Банка за поддршка на извозот осигурителна комапнија ЕГА може да даде и финансиска поддршка на извозот, рече Нечас.
На новинарско прашање во однос на петкратното убиство кај Смиљковци, премиерот Нечас посочи оти во разговорите бил информиран за интересот и напорите на македонската Влада да се одржи стабилноста во државата.
Денеска во Владата беа потпишани и две спогодби за соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република во областа на меѓународениот транспорт и во здравството.
Премиерот Нечас во рамки на посетата на Македонија ќе се сретне и со претседателот на државата Ѓорге Иванов