Министерот Попоски на состанок на Советот на НАТО посветен на ИСАФ

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска ќе учествува на состанокот на Советот на НАТО во седиштето во Брисел посветен на мисијата ИСАФ во Авганистан.

Како што соопшти МНР, на состанокот е најавено учество на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Алијансата, на земјите-контрибутори во мисијата ИСАФ, на министрите за надворешни работи и за одбрана на Авганистан, како и на високиот претставник на ЕУ, Кетрин Ештон.

Се очекува министрите да разменат мислења за улогата на НАТО во последната фаза од транзицијата и пост-транзиција во Авганистан, особено во контекст на новиот Стратешки план на Алијансата за Авганистан и активностите по завршувањето на мисијата ИСАФ.

Исто така, ќе биде разгледана имплементацијата на активностите во рамките на „трајното партнерство“ со Авганистан, како и други прашања кои ќе бидат предмет на дискусија на претстојниот Самит на Алијансата во Чикаго.

Во рамките на панел дискусијата за иднината на Авганистан, планирано е обраќање и на министерот Попоски, при што ќе бидат презентирани ставовите на Република Македонија, како одговорен партнер на НАТО и значаен учесник во мисијата ИСАФ.

На маргините на состанокот предвидено се средби на Попоски со министрите за надворешни на Канада, на Грција и на Полска.

Шефот на македонската дипломатија ќе се сретне и со министерот за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, Милан Роќен, со кого треба да потпише меѓувладината спогодба за патување на државјаните на двете земји. Со спогодбата, по нејзиното стапување во сила, ќе се овозможи државјаните на Македонија и на Црна Гора да ја преминуваат државната граница и со важечки биометриски лични карти и краткорочно да престојуваат до три месеци во секој шестмесечен период, сметано од денот на првото влегување.