Вицепремиерката Арифи се сретна со албанскиот претседател Топи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Теута Арифи синоќа имаше работна вечера со албанскиот претседател Бамир Топи.

На средбата стана збор за соработката меѓу двете соседни држави и за нивната европска перспектива, при што заеднички е констатирано дека постои одлична билатерална соработка меѓу Македонија и Албанија.

Соговорниците се согласија дека европската интеграција е стратешки приоритет на двете земји и дека е потребно да се продолжи со имплементацијата на неопходните реформи. Во тој контекст, вицепремиерот Арифи се осврна на конкретните реформи од европската агенда кои се спроведуваат во Македонија, особено во петте области опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво.

Се разговараше и за можностите за унапредување на соработката и размена на искуства во однос на европската интеграција и користењето на можностите што се нудат преку компонентата за пекугранична соработка во рамки на Инструментот за претпристапна помош – ИПА.

Претседателот Топи истакна дека Република Албанија се залага за одржување и унапредување на добрососедските односи и ја поддржува интеграцијата на Република Македонија во евроатлантските структури.