Промовиран проектот за диверзификација на работна сила преку имплементација на афирмативните акции и еднакви можности при вработување
Министерството за труд и социјална политика почнува со имплентација на проектот за „Диверзификација на работна сила преку имплементација на афирмативните акции и еднакви можности при вработување“. Целта е подобрување на состојбата на ранливите и маргинализираните групи во општеството преку нивно интегрирање во работните средини во јавниот и во приватниот сектор.
- Различноста на работната сила и еднаквите можности при вработување на маргинализираните групи во општеството како што се самохрани родители, деца без родители, лица со посебни потреби, маргинализирани етнички заедници, воени ветерани, стари лица, млади, болни, религиозни групи, жртви на семејно насилство, бездомници, поранешни затвореници..., е една од мерките кои придонесуваат за трансформирање на работната средина и градење организациска култура на деловните субјекти за учење на меѓусебните разлики, а пред се општествено одговорно делување на субјектите со социјална димензија, рече минитерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски промовирајќи го проектот.
Според него обезбедувањето поголема застапеност на ранливите групи во работните процеси ќе значи совладување на бариерите за еднаквата застапеност, а ќе се спроведе преку системски мерки креирање правила, политики, практики и однесувања кои се фер и не ја лимитираат предноста на другите за да бидат дел од работните процеси во согласност со индивидуалниот потенцијал.
Министерот посочи дека ова е прв проектен обид за воведување на ваков пристап во нивното делување кој е согледан низ американските и западно-европските искуствата, каде што диверзитетот на работниот потенцијал не е само нов термин туку е реалност кон која се стремиме и ние.
Поддршка на проектот дадоа директорот на НВО Форум мировен цивилен сервис Силке Маиер Витл, Алберт Хани директорот на НВО Тренинг центарот за менаџмент на конфликти.
Според нив диверзификацијата на работната сила е многу повеќе и од етничката и родова димензија.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со написи во медиумите за исплата на надоместокот за родителски додаток за трето дете, министерот Ристовски истакна дека е скандалосно кога одредени медиуми за да објават некоја вест се користат скандалосни наслови. - Всушност скандалозно е тоа што кога некои медиуми спроведувањето на законот го сметаат за скандал. Вистината е дека Министерството за труд и социјална политика не го укина надоместокот за родтелски додаток за трето дете, туку како и кај сите други права врши редовна контрола и онаму каде што ќе се констатираат злоупотреби на правото логично е тоа да се укине и апсолутно непрофесионално е да се објавуваат написи дека укинувањето се прави поради немање средства во буџетот. Исто така, против лицата коишто го прекршиле законот ќе следува соодветна одговорност и санкции, истакна министерот Спиро Ристовски.