Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска присуствуваше на отворањето на Граничната меѓуагенциска единица (AIRCOP) на Меѓународниот аеродром Скопје, со која ќе се зајакнат капацитетите за откривање и пресретнување на патници со висок ризик.
Овој проект кој претставува заедничка соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Царинската управа е реализиран со поддршка на Европската Унија и Канцеларијата на Обединетите Нации за справување со дрога и криминал (UNODC), кои во континуитет даваат придонес во воспоставувањето на ефикасен систем за справување со организираниот криминал и незаконската трговија.
„Задоволство ми е што од името на Владата присуствувам на отворањето на оваа Гранична меѓуагенциска канцеларија од која очекуваме да даде големи резултати. Сузбивањето на организираниот криминал, недозволената трговија и тероризмот бара меѓуинстуционална, регионална и поширока соработка. Поддршката од ЕУ и UNODC, не само во креирањето на политики и експертизи, туку и реално на техничко ниво е од големо значење. Верувам дека ќе ја оправдаме довербата. Одговорноста е голема, но и очекувањата од резултатите од оваа Канцеларија се големи“, порача вицепремиерката Грковска.
Таа верува дека и меѓуинституционалната, но и меѓународната соработка ќе продолжи, бидејќи, како што рече „ваквата активна меѓународна соработка, вклученоста во семејството на AIRCOP, е добар предуслов за успешно справување со криминалот“.