Промовирани два нови проекти за намалување на невработеноста
„Финансиска поддршка на правни субјекти (мали и средни претпријатија, занаетчии) за отворање на нови работни места“ и „Обука за општи вештини“ се новите две мерки кои денеска ги промовираа министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
Ристовски на денешната прес-конференција информира дека програмата „Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија“ е една од активните мерки за вработување и има за цел поддршка на малите и средни претпријатија преку отворање на нови работни места и стимулирање на нивниот раст.
- Мали и средни претпријатија вклучени во програмата ќе ги поминат следниве чекори - регистрирање на апликации/пријава и избор на најдобри фирми, посредување при вработување од страна на соодветниот Центар за вработување, потпишување на договор меѓу АВРМ и работодавачот, потпишување на договор за набавка на материјали или опрема и процес на набавка на опрема, рече Ристовски.
Оваа програма предвидува поддршка со неповратни средства во вид на опрема и материјали во висина од 92 илјади денари за секое ново отворено работно место, но не повеќе од пет работни места по една фирма или максимум износ од 460 илјади денари поддршка.
Од оваа програма произлегуваат неколку обврски на малите и средни претпријатија, односно работодавачот кој ќе вработи лица, кои се во евиденцијата на АВРМ најмалку три месеци пред денот на објавување на јавниот оглас, има обврска да ги задржи на работа најмалку 12 месеци од денот на засновање на работниот однос и во истиот период да не го намали вкупниот број на вработени, освен во случај на смрт или пензионирање. Во спротивно, е должен да прими во рок од 15 дена друго невработено лице од евиденцијата или да ги врати средствата обезбедени во вид на опрема и материјали во паричен износ сразмерно со времетраењето на вработувањето. Работодавачот мора да го задржи вкупниот број на вработени 12 месеци од денот на потпишување на договор за засновање на работен однос. Секој субјект корисник на мерката ќе мора да обезбеди услови за надгледување од страна на АВРМ.
Правниот субјект исто така треба да биде регистриран најмалку една година сметано од денот на објавување на јавниот повик, да не е во стечајна постапка и ликвидација на денот на пријавувањето, да ги има подмирено сите даноци и придонеси, да нема намалување на вкупниот број на вработени најмалку 6 месеци пред објавување на јавниот оглас и да има позитивни финансиски резултати искажани во годишната пресметка за 2011 година.
- Со оваа мерка во 2012 година предвидено е да се отворат нови 90 работни места. Во АВРМ, сметано од овој момент, имаме одвоено 8 милиони и 280 илјади денари. Во 2013 година бројот на корисници ќе биде определен согласно планираните средства во буџетот на Македонија, рече Ристовски.
Сите права и обврски на вклучените страни ќе бидат дефинирани со посебен договор. Огласот за оваа мерка е веќе објавен и заинтересираните можат да поднесат пријави најдоцна до 4 мај 2012 во работните клубови на 30 Центри за вработување во Македонија.
- Втората мерка „Обука за општи вештини“ е дел од проектот „Поддршка за вработување на млади луѓе, долгорочно невработени и жени“, финансиран од ЕУ. Обуките се наменети за регистрирани невработени лица кои се заинтересирани да учествуваат во обука на странски јазици, основни вештини за информатичка технологија, претприемништво и комукиациски вештини, кои ќе бидат организирани во повеќе локални центри за вработување. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 3.000 невработени лица, рече Ристовски.
Тој потенцира дека обуките ќе се изведуваат најдоцна до втората половина на јуни годинава. Лицата кои сакаат да учествуваат во овие обуки треба да потполнат апликација за учество. Краен рок за доставување на паликациите е 25 април 2012 година.
Поповски потенцира дека за проектот „Обука за општи вештини“ веќе оди втор оглас бидејќи кај невработените има мал интерес, а пасивноста е многу голема. Тој апелираше сите заинтересирани да аплицираат што е можно побрзо.