Премиерот Димитар Ковачевски во емисија на ТВ 21 истакна дека актуелното парламентарно мнозинство е стабилно, со оглед на тоа дека неговата поддршка во парламентот е поголема во однос на претходната Влада.
„Таа стабилност произлегува од тоа што сите политички партии учествуваа во подготвувањето на програмата на оваа Влада. Значи политичките партии кои што беа дел од претходната Влада, и политичката партија Алтернатива која што на програмска основа се здружи со оваа Влада. Бидејќи на една страна имаме парламентарно мнозинство кое што има јасна западна ориентација, кое што едногласно го поддржа усогласувањето на нашата надворешна политика со ЕУ. Која што едногласно го осуди воениот напад на Русија врз Украина и која што едногласно ги носеше антикризните мерки и сеуште ги носи во однос на заштитата на стандардот на населението во најкритичната година и парламентарно мнозинство кое што уште сега се подготвува за најтешката зима која што ја очекува Европа после втората светска војна“, нагласи претседателот на Владата Ковачевски.
Тој додаде дека од друга страна имаме политички партии кои што заговараат активна соработка со Путин и Русија.
„Тоа е основната разлика во стратешката ориентација на тие две коалиции, на владината коалиција која што е прозападно ориентирана, која што е ориентирана кон заштитата на стандардот на граѓаните и справување со економската криза и од друга страна коалиција која што е ретроградна и која што е неодговорна и која што единствено се грижи за своите политчки поени во време на најголемата криза“, потенцираше Ковачевски.