Обнова на фасадите на пет објекти низ Македонија
Фасадите на пет објекти од старата градска архитектура до крајот на годинава ќе бидат конзервирани и реставрирани за да им се врати автентичниот изглед на градбите, кои имаат културно-историско значење. Тие се наоѓаат во градските јадра на Крушево, Скопје, Прилеп, Битола и Кратово и за нивната санација Министерството за култура намени 11 милиони 234 илјади денари.
За реализацијата се задолжени регионалните заводи за заштита на спомениците од културата.
Ќе се обнови фасадата на семејна куќа на ул. Партизанска бр. 38 во Крушево, куќата на Бектешовци од Прилеп, поранешниот Англиски конзулат во Битола, пет групирани дуќани во Ајдучка чаршија во Кратово и куќа на влезот на Старата скопска чаршија (Битпазарска бр. 145).
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција рече дека во завршна фаза е опсежна и детаљна анализа за состојбата на сите споменици и споменични целини во Македонија. Според доставените предлози од заводите и музеи, се работи за околу 250 значајни објекти на кои им е потребно враќање на автентичниот изглед. Министестерството во соработка со Управата за заштита на културното наследство ќе ги одреди приоритетите и во наредните четири-пет години ќе се издвојуваат средства за санација.
- По изготвувањето, анализата ќе биде доставена до Владата на РМ, со цел да се утрвди план и динамика за понатамошна заштита, конзервација, реставрација и презентација на фасадите во другите градски јадра, рече Канческа-Милевска.
На прес-конференцијата присуствуваа директорите на заводите од Прилеп и Битола и од Конзерваторскиот центар на Скопје и информираа дека првите пет избрани објекти од овој голем реставраторски проект сега се во руинирана состојба и оти е неопходно да им се врати првобитниот лик. Истакнаа дека се примероци на стара градска архитектура (19 и почеток на 20 век) и оти во сегашната состојба ги нагрдуваат градските јадра.
Во некои од објектите живеат семејства, кои немаат финансиска обврска во обновата, зашто целиот трошок го презема Владата. Реставраторите, пак, нема да се мешаат во ентериерното уредување, туку ќе интервенираат на фасадите, обновување на балконите и оградите, замена на прозорците и подобрување на статиката.