Безбедноста и стабилноста на регионот е заеднички приоритет на Северна Македонија и на Бугарија и затоа и двете сојузнички земји ќе продолжат интензивно да соработуваат на планот на одбраната, заклучија на денешната средба во Софија, министерката за одбрана Славјанка Петровска и нејзиниот бугарски колега, Драгомир Заков.
Министерката Петровска која во Бугарија беше пречекана со церемонија со највисоки воени почести, порача дека новата безбедносна реалност на европскиот континент повикува на сплотеност и соработка меѓу сојузниците за што поцврста колективна безбедност.
Имајќи ја предвид безбедносната ситуација во Европа, Петровска порача дека она што во моментов е неопходно е целосна интеграција и заедништво.
„Членството на Северна Македонија во НАТО беше одлука која денес, во изменетата безбедносна архитектура се докажа како визионерска и историска, и беше поддржана од сите земји членки на НАТО. Денес Северна Македонија придонесува за стабилноста и безбедноста, а Република Бугарија на западната граница има сосед кој и е сојузник, сосед со кој заедно ја градат колективната безбедност“, рече министерката Петровска.
Потенцирајќи ја важноста на одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија за јакнењето на регионалната безбедност, министерката Петровска истакна дека двете земји веќе соработуваат во многу сегменти на одбраната, но дека постојат многу други можности кои треба да бидат развиени, особено во доменот на резервните сили. Она што е најважно е соработката помеѓу припадниците на двете Армии да се одвива во континуитет.
"Бугарските војници беа дел од големите вежби во Северна Македонија во текот на 2019 и 2021 година што се покажа како одличен начин за размена на искуство, но и зголемување на интероперабилноста помеѓу двете армии и во тој контекст упатив и покана за подготовка на заедничка вежба помеѓу двете армии која би се одвивале на тренинг центарот Криволак во Република Северна Македонија, тренинг центар кој се уште се развива, но ги развива своите капацитети за да ги задоволи потребите на Армијата во Република Северна Македонија и да пружи можност и за сојузничките сили. На овој начин всушност покажуваме дека градиме силно сојузништво и ја зацврстуваме регионалната безбедност", рече министерката Петровска.
Министерот Заков истакна дека оваа средба е исклучителен знак за тоа дека Бугарија и Северна Македонија како земји членки на НАТО имаат исклучително важна улога во регионот, во поддршка на стабилноста и безбедноста. Порача дека главната задача за нас и идните поколенија е Балканот вклучувајќи го и Западниот Балкан никогаш повеќе да не биде споменуван во негативен контекст.
Во рамки на посетата, во бугарското Собрание, министерката Петровска се сретна со делегација од собраниската Комисија за одбрана, предводена од Атанас Зафиров, каде разговараа за местото на законодавната власт во одбранбениот систем и потребата од силна соработка на ниво на Комисии за одбрана и безбедност на двете земји.
Северна Македонија и Бугарија во областа на одбраната соработуваат од 1999 година кога беше потпишана и Спогодбата за одбранбена соработка. Во рамки на оваа соработка реализирани се голем број на билатерални средби и посети, а интензивна е и соработката во доменот на военото образование. Овогодинешниот план за одбранбена соработка вклучува 10 активности, од кои седум се во Бугарија, а три во Северна Македонија.