Промоција на издавачките проекти поддржани од ЕУ програмата „Култура 2007-2013“

Издавачкиот сектор во Македонија е најактивен и најдобар корисник на Програмата на Европската унија „Култура 2007-2013“, зашто од сите други области во културата има најголем број поддржани проекти (17 од 38) од фондот на Унијата.

Од други европски јазици на македонски во изминатите пет години се преведени околу 100 книжевни дела, а поддршката од ЕУ за нив е околу  450.000 евра.

Министерството за култура на РМ и Делегацијата на ЕУ во Скопје денеска ги промовираа изданијата на девет македонски издавачки куќи (Или-или, Бегемот, Темплум, Три, Каприкорнус, Магор, Вермилион, Профундум и Блесок) кои со помош на ЕУ објавиле преводи на дела од европската литература.

- Резултатите на македонските издавачки куќи по бројот на поддржани проекти,  17 од вкупно 38-те проекти поддржани од програмата Култура 2007-2013, се слични со оние на словенечките издавачки куќи и се сериозен успех на нашата држава во европски рамки. Според финансиската подршка од ЕУ,  Македонија може да се спореди не само со  Словенија, туку и со поголемите земји, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Евроамбасадорот Аиво Орав во своето обраќање истакна дека програмите на ЕУ, вклучувајќи ја и „Култура 2007-2013“, се моќни двигатели за развој на поединци и институции.

- Оваа програма обезбедува помош за иницијативите чија цел е прославување на европската културна разновидност и зацврстувањето на нашето заедничко културно наследство, преку развојот на прекугранична соработка меѓу културните дејци и институции. Во програмата „Култура“ може да учествуваат граѓани, културни институции, невладини организации и државни администрации, рече Орав.


По промоцијата се одржа и инфоден за проекти за книжевни преводи, на кој беа претставени критериумите и електонскиот формулар за аплицирање во програмата.