Министерството за одбрана ја поздравува одлуката на Независниот синдикат да се повлече од штрајкот најавен за денеска, откако вчера министерката за одбрана Славјанка Петровска и сите 4 синдикати во одбраната меѓу кои и Независниот синдикат на професионални војници, постигнаа согласност за дополнителни измени на Законот во прилог на војниците.
Имено, новите измени за кои вчера со заедничко соопштение и согласност со сите синдикати, ја известивме јавноста предвидуваат предлози кои значајно ќе ги подобрат правата на нашите припадници, како што се усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, правото на остварување на пензија ќе биде со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста, а ќе се изврши и нова пресметка за активниот воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1000 евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
До предлагањето на измените на Законот на барање на Синдикатите, Министерството за одбрана се обврза да ја провери можноста правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството, и да утврди дали условите за пензионирање на припадниците на Армијата може за важат за војниците распоредени по навршувањето на 45 години во други институции.
Дополнително, министерката Петровска, нагласи дека во рамките на реформата на Системот за управување со кризи и за Законот за критична инфраструктура ќе ја разгледа можноста професионалните војници со навршени 45 години да бидат преземени од тие институции доколку во системските решенија се отвори таква можност.
Предлог измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија кој година и пол беше блокиран од опозицијата, беше повлечен од страна на министерката Петровска со цел да биде дополнет и доставен до Собранието како заеднички производ, креиран преку еден инклузивен процес на Министерството, Генералштабот и синдикатите на одбраната.
Истовремено, министерката Петровска презеде обврска да разговара со колегите на владината седница во среда, со цел да се надминат предизвиците околу трансферот на професионалните војници во другите институции. Дијалогот продолжува и понатаму со сите синдикати од областа на одбраната.