Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на ќерката Тамара Ковачевска и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, којашто е во дводневна посета во Рим и Ватикан во рамките на традиционалните свечености во чест на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, денеска беше примена од неговата светост Папата Франциск.
Претседателот на Владата Ковачевски имаше тет-а-тет средба со Неговата светост Папата Франциск, по што следуваше приемот на ќерката на претседателот на Владата како и останатите членови на делегацијата на Северна Македонија, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на Претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол, Даријан Сотировски директор на Комисија за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски ректорот на УКИМ, Пимен Илиевски митрополитот на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски митрополитот на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов декан на струмичка епархија на Католичка црква и Марија Ефремова, амбасадорката на Република Северна Македонија во Ватикан.
На аудиенцијата кај Светиот отец Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изрази благодарност за посетата на Папата Франциск на нашата земја во 2019 година која што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска.
За време на разговорот на средбата со Папата Франциск беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа.
Северна Македонија и Ватикан, беше нагласено на средбата, од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза.
На средбата беше поздравена отпочнатата иницијатива за потпишување на темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.
Премиерот Ковачевски истакна дека на огромно негово задоволство со Папата Франциск се согласија дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување. Почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија.
На средбата меѓу Премиерот Ковачевски и македонската делегација со Папата Франциск беа споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега, истакнувајќи дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство.
Премиерот Ковачевски на Папата Франциск му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.