Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 48 седница го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
Согласно предложениот текст на законот на Министерството за одбрана е предвидено усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, како и утврдување на правото на остварување на пензија со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста.
Со измените и дополнувањата е предвидено и проширување на најповолните услови за пензионирање на сите припадници на воениот и цивилен персонал кои правото на пензија го стекнале од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1.000 евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1.000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
Со новопредложените измени и дополнувања е предвидена и можност правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството.
Со новите измени и дополнувања, како резултат на инклузивниот процес и дијалог меѓу Министерството за одбрана, Генералштабот и синдикатите на одбраната, текстот на Предлог-законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија е испратен на усвојување во Собранието.
Владата денеска ги прифати и измените и дополнувањата на Законот за плати на јавните обвинители.
Со предложените одредби се прилагодува коефициентот за утврдување на плата на јавните обвинители и вкупните заложби за подобрување на материјалните и финансиските ресурси во правосудниот систем вклучително и платите и другите надоместоци на јавните обвинители.
Цел на предложените законски измени е надградување на системот на плати на јавните обвинители, соодветни на значењето и угледот на функцијата кои тие ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност.
На оваа своја седница Владата ги утврди и измените и дополнувањата на Законот за изменување на Законот за судска служба.
Основната цел на Предлогот на законот е постигнување на еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор, судската служба како негов дел, со најниските примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на судските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во судската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Истовремено, во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%.
Владата денеска го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за јавно обвинителска служба кој има за цел воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на јавно обвинителските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во јавно обвинителската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%.
На предлог на Министерството за правда, на денешната седница се утврдени и измените на Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Македонија.
Во предложениот законски текст се менуваат коефициентите за утврдување на плата на членовите на Советот со цел надградување на системот на плати на членовите на Советот на јавните обвинители, соодветни на значењето и угледот на функцијата кои ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност.
Сите овие измени и дополнувања на Законот за плати на јавните обвинители, на Законот за судска служба, на Законот за јавно обвинителска служба и на Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, ќе бидат доставени на усвојување во Собранието.
На денешната седница Владата го прифати и Предлог-законот за Финансиската инспекција во јавниот сектор, со заклучок да биде доставен на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.
Целта на овој закон е да се заштитат јавните финансиски интереси во финансиското управување со средствата на државниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа и средствата од други јавни извори како и средства на ЕУ фондовите, со утврдување на законитоста и нивното ефикасно и одговорно користење во согласност со посебните прописи кои ја пропишуваат надлежноста за спроведување на финансиска инспекција.
Одредбите во предложеното законско решение ги утврдуваат надлежностите на Финансиската инспекција во јавниот сектор, којашто ќе се врши согласно овој закон и законите во кои е утврдено вршење на инспекциски надзор над субјектите на Финансиската инспекција од страна на Финансиската инспекција.
Надлежноста на оваа Финансиска инспекција ќе се спроведува кај корисниците на средствата од Буџетот на Република Северна Македонија, фондовите, општините и градот Скопје, агенциите и другите институции основани со закон, јавните претпријатија, јавните установи и другите правни лица кои се во државна сопственост или сопственост на општините и градот Скопје или во кои државата или општините и градот Скопје се акционери, кај корисниците на средства на ЕУ фондовите, во непрофитните организации и другите правни и физички лица само за делот на добиените јавни средства или гаранции.
Владата денеска ја разгледа и усвои Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-2026 година.
Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-2026 е основен стратегиски документ во националната политика за еднаквост и недискриминација, а неговата цел е да обезбеди континуиран развој во реализацијата на овие права без дискриминација по кој било основ.
Стратегијата исто така предвидува активности за подобрување на состојбата со недискриминацијата на локално и национално ниво, унапредување на механизмите за заштита и мерење на состојбите преку статистички податоци.
На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја донесе Одлуката за давање на согласност на два јавни оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари.
Предмет на јавниот оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари преставува земјоделско земјиште со вкупна површина од 1.520ха 53ар 54м2 и тоа за следните региони во Република Северна Македонија: Гостивар, Дебар, Кичево, Куманово, Ресен, Тетово и Гази Баба, како и во регионите Берово, Битола, Македонски Брод, Виница, Гевгелија, Делчево, Кавадарци, Велес и Штип со намена за:
подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години,
подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
подигање на маслинарници за период до 50 години,
одгледување на други земјоделски култури и за поставување на пчелни семејства за период до 15 години,
ливади за период до 15 години,
за одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години,
рибници до 20 години, и
спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години.
Владата денеска го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на Договорот за партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово за управување со грант Договорот за техничка помош, под програмата ИПА Северна Македонија – Косово.
Целта на овој договор претставува воспоставување на партнерство и дефинирање на одговорностите на партнерите за спроведување на обврските од проектот „Мерки за поддршка на техничката помош за период 2014-2020 за Програмата за прекугранична соработка на Косово – Северна Македонија, во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II).
Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за исплата на пензии за месец мај 2022 година, и го задолжи Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 27.05.2022 година.
Со оваа информација Владата им препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите да може да располагаат со мајските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 30.05.2022 година.
Готовинската исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, банките ќе ги реализираат во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 30.05.2022 година (понеделник);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 31.05.2022 година (вторник);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 01.06.2022 година (среда); и
За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 02.06.2022 година (четврток ).