Ковачевски: Ги реализираме ветувањата, политиките на раст на платите и на животниот стандард продолжуваат

„Покачувањето на платите, покачувањето на пензиите, покачувањето на стандардот на граѓаните е она на што останавме доследни и на што ќе останеме доследни и во продолжението на мандатот, иако имаше на тој пат голем број на опструкции, сепак сите потребни решенија беа донесени“, рече премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот и додаде дека „политиките на раст на платите и на животниот стандард на граѓаните ќе продолжат“.

Тој посочи дека Владата го реализираше клучното предизборно ветување на социјалдемократската Влада, за просечна плата до 30.000 денари, кое што со последните податоци од Државниот завод за статистика е надминато. Односно, просечната месечна исплатена нето плата по вработен, во март 2022 година е на ниво од 31.080 денари, што во однос на март 2021 година е зголемување за 10.1 процент, или за една година просечната плата пораснала за 2.863 денари, а во однос на март 2017 година покачувањето е 8.635 денари, кога просечната плата била 22.445 денари.

„Владата и во услови на најголема светска економска и од секаков вид друга криза, продолжува со засилена динамика да работи на зголемувањето на просечната плата, тука удел има нормално и минималната плата којашто ја зголемивме на 18.000 денари, а исто така и пензиите доживеаја историски најголем раст, прво преку усогласувањето направено на почетокот на годината преку менувањето на методологијата и усогласувањето кое што ќе следува во месец септември“, додаде премиерот.

Тој посочи дека согласно статистичките податоци, ваквото зголемување се должи, пред сѐ на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето плата по вработен во финансиските дејности и дејности на осигурување; Уметност, забава и рекреација и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна.

Премиерот Ковачевски нагласи и дека мерките за поддршка за зголемување на плати во приватниот сектор, преку субвенционирање на дел од придонесите имаат значајна улога во зголемувањето на плати во приватниот сектор, а дека во јавниот сектор веќе се водат разговори за усогласување на платите, согласно со нова методологија, а насочи и на факторот невработеност, којшто е на историски најниско ниво од 15.2 процента.

„Ова покажува една поздрава кондиција на македонската економија“, оцени премиерот Ковачевски, насочувајќи го како важно пред претстојната зима.  

„Пред нас имаме тешка зима. Имаме дел од држави коишто прогласуваат и вонредна состојба, во однос на цената на храната и енергенсите и достапноста на енергенсите и значајно е што приходите на граѓаните се зголемени, имаме зголемување на минималната плата, пензиите се зголемени, имавме и еднократна помош при зголемувањето на цената на електричната енергија. Тоа нѐ прави поподготвени да можеме да го дочекаме наредниот период, којшто очигледно ќе биде исклучително кризен на територијата на целиот европски континент“, рече премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.