Иницијативата „Отворен Балкан“ носи придобивки и за образованието и науката во регионот. Денеска во Охрид, највисоки претставници на државите кои ја поддржуваат оваа инцијатива - Северна Македонија, Србија и Албанија потпишаа договор со кој се олеснува меѓусебното признавање на дипломите и научните степени, издадени од високообразовни институции и други овластени институции во овие земји.
Со договорот се олеснуваат процедурите за признавање на дипломите и научните степени стекнати во трите земји потписнички, а со тоа се скратуваат и роковите за нивно завршување.
Како што е предвидено во договорните одредби, краен рок за потврда на автентичноста на една дилома е 14 работни дена од поднесување на барање од друга договорна страна, додека краен рок за завршување на процесот на признавање на дипломата е 20 работни дена од потврдата на автентичноста на дипломата или од нејзиното заверување со апостил печат.
Потписниците на овој договор ги повикуваат и останатите земји од Западен Балкан да го поддржат правниот акт и да се вклучат во неговата реализација, овозможувајќи им придобивки на своите граѓани при престој или остварување на права во други земји, но и обратно, да им го олеснат остварувањето на правата на државјаните на другите земји преку своите институции.