Потпишан договор за поширока соработка меѓу Република Македонија и НАТО
Во седиштето на НАТО во Брисел државниот секретар во Министерството за одбрана Петар Есмеров денеска со размена на писма го потпиша Договорот меѓу Министерството за одбрана и Организацијата на НАТО за консултации, команда и контрола во однос на соработката во областите на консултација, команда, контрола, комуникации, разузнување, набљудување и извидување.
Потпишувањето на Договорот, како што соопшти Министерството за одбрана, е резултат на напорите на Република Македонија во духот на подготовките за членство и уште еден пример на перманентното продлабочување и зајакнување на соработката со Алијансата.
- Република Македонија е првата земја партнер од Регионот што потпишува ваков договор со оваа НАТО Агенција што нè носи во клубот на останатите земји партнери, но членки на ЕУ, како што се Шведска и Финска. Со овој договор се проширува патот и се овозможува подлабоко и понапредно ниво на интероперативност меѓу Армијата на Република Македонија и НАТО, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
Денешната активност, се додава во соопштението, претставува почеток на понатамошната поширока соработка меѓу Република Македонија и Агенцијата на НАТО за консултации, команда и контрола.
- Интензивно се работи на Иницијативата „Регионален пристап кон против-воздушната одбрана на Балканот” како прв проект за градење и воспоставување на регионални способности за контрола на воздушниот простор во духот на концептот „паметна одбрана“. Република Македонија уште еднаш потврди дека е посветена на сите напори на Алијансата за поттикнување на поголема соработка и интероперативност и сите иницијативи што овозможуваат буџетски заштеди со групирање и заедничко користење на одбранбените ресурси и потенцијали, а со цел остварување поголеми резултати, стои во соопштението од Министерството за одбрана.
Државниот секретар Есмеров, кој ја предводеше делегација од Министерството за одбрана, нагласил дека придонесот на Република Македонија како членка на НАТО би бил уште поголем.
Агенцијата на НАТО за консултации, команда и контрола обезбедува и изведува проекти, научен и технички совет и поддршка за воените структури на Алијансата, земјите членки и партнери во врска со прашања кои се однесуваат на оперативното истражување, следење, воздушна команда и контрола, вклучувајќи и одбрана од проектили, електронско војување и рано предупредување и контрола, како и комуникациско-информативните системи.