Грковска: Акредитацијата е гаранција за квалитет, граѓаните мора да бидат сигурни дека го добиваат најдоброто

Акредитацијата е еден од механизмите за обезбедување доверба во работата на институциите, но и доверба во сите сегменти на стопанството, со цел да бидат заштитени потрошувачите, бидејќи заштитата на јавниот интерес за нас е врвен приоритет. Затоа, клучни принципи во работењето на секое регулаторно тело, вклучително и на Институтот за акредитација мора да бидат независност, непристрасност, објективност и транспарентност. Ова го порача заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, на денешното одбележување на Светскиот ден на акредитацијата, во организација на Институтот за акредитација.

„Институтот, благодарение на потпишаните договори со меѓународните организации, едноставно претставува пасош во трговијата на целокупното наше стопанство. Процесот на креирање политики за добро владеење го реализираме преку воспоставување партнерски однос со сите институции и оттука соработката со Институтот е многу важна. Граѓаните од нас очекуваат да носиме мерки, да ги унапредуваме, да ги подобруваме процесите кои директно влијаат на квалитетот на нивното живеење“, оцени вицепремиерката Грковска.

Таа нагласи дека акредитацијата значи признание дека организацијата ги исполнува поставените стандарди, го има дефинирано и документирано својот систем за квалитет, ги има дефинирано и имплементирано сите процеси кои се одвиваат во тој систем и дека управува со тие процеси.

„Затоа самата улога на Институтот за акредитација, како јавна установа од јавен интерес, кој врши формално признавање за извршување на одредена активност е од исклучително значење. Овој процес треба постојано да се подобрува и унапредува, а Институтот за акредитација да користи меѓународни искуства, да соработува со телата за акредитација на други земји и да разменува знаења, искуства и вештини. Да ги следи актуелности во светот кои се поврзани со акредитацијата и да ги применува доколку позитивно би влијаеле на процесите на акредитација во земјава“, оцени вицепремиерката Грковска.