Северна Македонија е земја со богато културно наследство, но и актуелно творештво, каде што културата е поставена високо во приоритетите на Владата, што се потврдува и преку поддршката на голем број проекти кои се во функција на развој, афирмација и промоција, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во рамките на работната посета на Кралството Белгија каде во Палатата на убави уметности во Брисел се сретна со директорката за меѓународни односи, Магдалена Лискова, директорката за филм, Жулиет Дуре, Верле Деклерк заменик директор за музика и Тони Ван дер Ејкен заменик директор за програмат Музика од светот.
Изразувајќи благодарност за укажаното гостопримство и за можноста за изнаоѓање модели за заедничка соработка, Костадиновска-Стојчевска на средбата подвлече дека односите меѓу Северна Македонија и Кралството Белгија се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување, што е потврдено и со размена на посети и делегации на највисоко ниво.
„Во блиска иднина кога би го формирале македонскиот културно-информативен центар во Брисел, дискутиравме за можноста токму во Палатата на убави уметности да се организираат македонски културни настани. Нам како земја ни е важно да ја претставуваме македонската култура секаде во Европа, така што континуирано се претставуваме на Денови на културата во странство, учествуваме на меѓународните саеми на книгата, како и се претставуваме во земјите претседавачи со Европската Унија и учество на манифестацијата Европска престолнина на културата", потенцираше министерката.
На средбата беа разгледани и можностите за организација на комплексни активности во Палатата на убави уметности, како и учество на Фестивалот на Југоисточна Европа, кој треба да се одржи кон крајот на јануари 2023 година.
Костадиновска-Стојчевска упати и отворена покана до соговорниците Лискова, Дуре, Деклерк и Ејкин да ја посетат Северна Македонија и да бидат гости на некои од традиционалните меѓународни манифестации, како што се: Фестивалот „Охридско лето“, Струшките вечери на поезијата, Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.