Дебата „Европска интеграција низ економската и безбедносната перспектива"
По повод „Денот на Европа - 9 мај", во организација на локалната самоуправа на општина Куманово и локалниот огранок на "Европското движење на Македонија", денеска во општина Куманово се одржа панел дискусија на тема "Европска интеграција низ економската и безбедносната перспектива".
На диксусијата се обратија министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав.
- Постојат две причини поради кои доаѓам во Куманово. Задача на секој дипломат е да ја запознае целата држава, а денеска би сакал да дознаам нешто повеќе за оваа ошштина. Втора причина е прославата на Денот на Европа кој се одбележува на 9 мај. Овде започнавме со прославата малку порано, но, имајќи во предвид дека вашата држава е земја кандидат за членство во ЕУ, се разбира дека има огромен интерес кај граѓаните за запознавање на интегративните политики на Унијата, рече евроамбасадорот Орав кому ова му е прва посета на Куманово.
Министерот Адеми потенцира дека бенефитите од членство во ЕУ и НАТО ќе бидат повеќекратни. Според него, основата на ЕУ е почитувањето на различностите, а Македонија тоа го гарантира преку спроведувањето на Рамковниот договор, бидејќи тој дава основа за почитување на различностите во државата. Оцени, меѓу другото, дека Македонија многу напреднувала во спроведувањето на демократијата.
- Особено значајно за Македонија е што побзро да стане членка и на НАТО и на ЕУ, не само од безбедносен туку и од економски апскет, затоа што бенефитите од зачленувањето во Унијата може да се гледаат од повеќе аспекти, рече министерот Адеми.
Општина Куманово, пак, со своето членство во повеќе асоцијации ја изразува подготвеноста и волјата на граѓаните за членство во Унијата.
- Сето она што општината го прави како членка на многу асоцијации и активно учествува во градењето на перспективите на Република Македонија за што побрзо членство во евроатлантските организации, зборува дека имаме една единствена цел - членсто во ЕУ и НАТО, рече претседателот на Советот на општина Куманово, Виктор Цветковски.
На трибината учествуваа претставници од државните, општинските институции, бизнис заедницата, невладиниот сектор и граѓани.