Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска учествуваше на Министерски состанок на промоција на Првата министерска платформа на Западен Балкан за култура во Тирана, Албанија, организиран од страна на Марија Габриел, европска комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади.
Министрите од Западен Балкан ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат со младите и културното наследство. Потребни се уште повеќе вмрежувања и заеднички проекти. Во моментот се реализираат 13 проекти во висина од 3 милиони евра кои се наменети за Западен Балкан за да се негува и зачува културното наследство, така што оваа платформа е важна за заедничко делување на земјите во културата.
Културното наследство ни ја дава основата на заедништвото, заедничката припадност во рамките на Европа, бидејќи ние споделуваме заедничка повеќемилениумска испреплетена традиционална култура која резултира со сегашните позитивни процеси на промовирање на истата. Преку развивање на програма на размена на млади луѓе од цела Европа, кои ќе ги презентираат културните традиционални особености - културно наследство, разноликости и вредности на земјата од која доаѓаат, само ќе се придонесе уште повеќе за запознавање со истите и промовирање на вредностите на заедничка културолошка припадност. Исто така, потребна е и поддршката на проекти и проектни активности кои придонесуваат за свеста за македонското, балканското, но и европското културно наследство кај младите луѓе, преку традиционални образовни методи и модерни дигитални технологии, се клучен интерес за помладата генерација, истакна на состанокот во Тирана Костадиновска-Стојчевска.
Според министерката тоа значи организирање на интерактивни практични работилници за младите, промовирање на вредностите и значењето на етнологијата, историјата, историјата на уметноста, археологијата, конзервацијата на културното наследство, зачувувањето на јазикот и друго, Токму работилниците кои планира да ги организира Mинистерството за култура ќе имаат за цел да им ја објаснат на младите поврзаноста на традиционалната култура со природната средина и потребата да се зачува таа врска за одржлива иднина.
Во минатото, поради одржливоста, беше постигнат напредок на цивилизацијата. Стручните профили како кустос, конзерватор, документарист, фолклорист, филмолог итн., токму овие професии ни дадоа можност да ја разбереме сегашноста, преку истражување и заштита на вредностите од минатото, а обезбедивме и патоказ за иднината. Токму затоа преку Годишните отворени повици, Министерството за култура ги охрабрува младите и младинските здруженија да овозможат проекти во областа на културното наследство, рече таа.
Според Костадиновска-Стојчевска развивањето на свеста за заштитата на културното наследство како дел од секојдневниот живот треба да започне од најмладата возраст. Таа свест мора да се развива како потреба на локално и пошироко државно ниво. Културата не треба да биде сувенир туку економски фактор, а треба да се инвестира во образованието уште од најмала возраст сè со цел да се развие свеста кај младите за културното наследство.
Министерскиот состанок претставува клучен настан во заедничките напори за одржување на политичкиот моментум поттикнат од започнувањето на Агендата за Западен Балкан на Самитот во Брдо минатиот октомври, со главен фокус на иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт преку кои Западен Балкан е на солиден пат кон поблиска соработка во тие области на политиката. Клучните теми на кои се водеа дискусиите за време на министерските состаноци вклучуваа културно наследство, соработка меѓу академскиот и бизнис секторот како двигатели на иновациите и учење за одржливост на животната средина.