Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска се обрати на онлајн настан на тема „Дигитализација и дигитална трансформација за поефикасна администрација - Дигитална агенда за граѓаните“, организирана од Фондација Метамофорзис.
Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека дигиталната трансформација на општеството е важен приоритет на Вадата, зашто дигитализацијата на јавните услуги е предуслов за да изградиме транспарентни и одговорни институции и квалитетни јавни услуги што ќе ги задоволат потребите на граѓаните.
„Со дигитализација, јавните услуги стануваат поквалитетни и побрзи, значително се намалува времето потребно за завршување на административните постапки, а со тоа јавната администрација и институциите стануваат поефикасни. Во соработка со експерти од Естонија и со поддршка на САД работиме на процесот на дигитална трансформација на општеството, дефинирање на патоказот, процес во кој се вклучени сите институции. Сите институции беа задолжени во Националниот портал за услуги редовно да ги ажурираат електронските услуги што институциите ги даваат на граѓаните. Мојата заложба е значително да се зголеми опсегот на електронски услуги, со што ќе се зголеми и ефикасноста на институциите“, потенцираше Грковска.
Пред присутните на конференција Грковска нагласи дека клучен предуслов за овој процес да успее е активна вклученост и посветеност на сите институции, на сите вработени во администрацијата, зашто друга алтернатива освен дигитална трансформација на општеството немаме.
„Ако сакаме да го фатиме чекорот за развој и напредок, ако сакаме да обезбедиме ефикасен и функционален систем, тогаш мора сите, ама буквално сите и носителите на функции и вработените во администрацијата и невладиниот сектор и граѓаните да се престроиме на патот за дигитална трансформација и заедно да работиме во изградбата на ефикасен систем“, потенцираше Грковска.