Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вчера во рамките на Самитот на НАТО во Мадрид учествуваше на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО на која се дискутираше на темата: "Влијанието на Хибридните закани во Западен Балкан".
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во дискусијата со останатите министри за одбрана, потенцираше дека ефективна стратешка комуникација е клучна во борбата против ваквите закани и безбедносни ризици како и дека надминувањето на ваквите предизвици се еден од приоритетите на НАТО и дел од дискусиите на Самитот.
"Она што нам ни е потребно е зголемување на ефикасноста и квалитетот на нашите институции преку професионализација на кадрите. Исто така, ни треба образование кое ќе ги оспособува граѓаните за критичко размислување.Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не на раздор", истакна Петровска.
Петровска се наврати на успехот на политиката на отворени врати на Алијансата и нагласи дека истиот потребно е да се преслика и со Проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан со што ќе се зацврсти безбедноста и ќе овозможи поголем просперитет, а во спротивно, отсуството на кредибилната европска перспектива може да има повеќекратни негативни тенденции на овие простори.