Објавен тендер за изработка на проект за изградба на нов клинички центар

Министерството за здравство го објави тендерот за изработка на проект за изградба на нов клинички центар, со што почна првата фаза од најголемиот инфраструктурен проект во здравството во историјата на Република Македонија.

Новиот објект ќе се простира на површина од околу 47.000 метри квадратни. Предвидени се околу 500 болнички кревети, околу 130 кревети во дневна болница, осум операциски сали, најсовремена дијагностичка опрема и околу 90 амбуланти. Изработката на идејниот проект ќе чини милион евра, а изградбата на новиот клинички центар 60 милиони евра.

Новиот клинички центар, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров, ќе се карактеризира со ефикасен здравствен процес и оптимизирана употреба на ресурсите и е димензиониран според најсовремените модели за обезбедување здравствена заштита на терциерно ниво.

- Новиот клинички блок ќе се гради на местото на стара гинекологија. Оваа локација и изградбата на овој објект ќе овозможи за првпат од постоењето на универзитетските клиники, групирање на сите постојни сервиси во една зграда, кои се сега одвоени и се на поголема оддалеченост, што пред се претставува проблем за пациентите, но и за целиот систем, рече Тодоров.

Посочи дека јавниот повик е веќе објавен и со него се бара компанија која ќе изработи идејно решение, архитектоско-урбанистички проект, основен проект и проект за реконструкција на Хируршките клиники и Клиниката за детски болести.

Целта на ваквата централна поставеност, истакна Тодоров, е просторно поврзување со новата зграда на Клиника за гинекологија, Клиниката за онкологија и радиотерапија и објектот на Хируршките клиники, со цел оформување на еден интегриран капацитет кој ќе понуди соодветна циркулација, функционална поврзаност и соодветен редослед во здравствени услуги.

- Во новиот клинички блок ќе бидат сместени сите постоечки клиники освен Инфективна клиника, Клиника за детски болести, Стоматолошки клинички центар и Клиника максилофацијална хирургија. Клиниката за детски болести ќе остане во постојниот објект, со тоа што ќе се прошири за простор потребен за префрлување на детската хирургија во нејзини рамки. Од организациски аспект - покрај ургентиот центар, на приземјето и првите нивоа, се планира да се постават групирани амбулантни простори, дијагностика и централни лаборатории, рече Тодоров.

Укажа дека се планира комплетна дигитализација на медицинската документација со воведување систем за компјутеризирано архивирање и комуникации со дигитални слики. Системот овозможува гледање и известување за дијагностички снимки надвор од собите за снимање и симултана дискусија за соодветна снимка од различни места (телерадиологија), како и централна лабораторија и аптека, со обезбеден вакуум транспорт, според најновите стандарди - со поставување на систем со пневматски туби, односно систем за транспорт и електронско испраќање на рецепти/резултати (на пр., нарачката за одреден лек или лабораториски резултат се става во туба и се носи во аптека или лабораторија и пак по автоматски пат се враќа назад.

Тодоров нагласи дека со тоа ќе се заштеди време за персоналот и ќе се придонесе за подобрување на брзината и точноста на услугите за лежечките болни.

Во рамки на новиот клинички центар, согласно современите стандарди при проектирање на вакви центри ќе биде обезбеден и простор за хелиодром, кој ќе биде сместен на покривот од новиот објект.  

- Јавната набавка за обезбедување на ова проектно-решение ќе биде спроведена како ограничена постапка во 2 фази, при што квалификуваните кандидати ќе дадат финансиски понуди во втората фаза од набавката која ќе заврши со електронска аукција. За да се квалификуваат за втората фаза, компаниите треба да ги исполнат критериумите кои Министерството ги определи во тендерската документација. Во огласот е  потенцирано дека се бара компанија која ќе обезбеди проектанти кои имаат големо искуство во проектирање на ваков тип на објекти, рече Тодоров. 

Во првата фаза од набавката, кандидатите треба да ги достават своите пријави за учество докази за исполнување на бараните критериуми во рок од 30 дена од објавувањето на огласот. Во втората фаза од набавката квалификуваните кандидати треба да ги достават своите финансиски понуди во рок од 40 дена, по што ќе се спроведе електронската аукција.
 
- Очекуваме архитектонско-урбанистичкиот проект и идејниот проект да бидат завршени до крајот на оваа, односно почетокот на следната година, а по што следи објавување на тендер за изградба. Очекувам, доколку се оди според предвидената динамика, да отпочнеме со градба кон средината на следната година, а во следните три години таа да биде завршена, нагласи Тодоров.

За задоволување на критериумите, за главниот архитект - кандидатот треба да достави сигурни докази дека архитектот проектиреал минимум три здравствени објекти со површина не помала од 30.000 метри квадратни, доказ дека архитектот со чиј профил конкурира на тендерот ќе ги изработи и верификува проектот. Истото се однесува и за останатите главни инженери.

Услов е и компанијата да обезбеди и проектен менаџер кој ќе го координира целиот процес и кој има богато искуство во менаџирање на вакви проекти. Исто така во тендерската документација се бара постојана достапност на главните носители на проектот со стручните служби од Министерството за здравство. Кандидатите треба да обезбедат и банкарски гаранции за учество со што ќе гарантираат дека нема да се повлечат од процесот доколку се квалификуваат за втората фаза од тендерот. Со вака поставените  критериуми, Министерството ги покажува интенциите за обезбедување на квалитетен проект за изградба на новиот клинички центар со воведување на најновите трендови присутни при изградба на вакви центри во земјите членки на ОЕЦД.

Отворањето на првата фаза од тендерот е предвидено за 30 мај, кога ќе се изберат фирми кои ги исполнуваат бараните критериуми (сите фирми ќе бидат поканети во втората фаза и по доставување на финасиските понуди, целиот процес ќе заврши со електронска аукција, кога ќе се избере најниската понуди). Оваа фаза на проектирање треба да биде целосно завршена за 6 месеци.