Никој никого не може, под било кои околности, да го асимилира во 21 век, во 2022 година, во денешниов свет.
Абсурден и навредлив е напорот за наметнување на страв. Денес се се знае, ништо не може да се скрие!
Воени окупации, масовни злочини, не успеаја во минатото да асимилираат народи, а денес тоа било наводно “можно” преку билатерален договор.
Тој договор има јасни взаемни обврски и двострани можности да се одбие, да не се прифати или да се стави вето, во било кое време, на било кој елемент, кој што може да спори идентитет, јазичен, културен, историски или е едноставно неприфатлив.
Ако некој е несигурен во својот идентитет и стравува за себеси, тоа зборува за личноста и силата на неговиот карактер и како и колку го вреднува својот народ, а никако не може да се однесува на цел еден народ кој што не се асимилирал со векови.
Наметнување на хистерија за асимилација е навреда, зарем толку ги потценувате луѓето дека така лесно преку ноќ ќе станат нешто друго?
Истото го велеа и за Преспански, ќе изчезне Македонија. Сонцето изгреа и утредента и секој ден, но сега како членка на НАТО!
Да ве потсетам што велеа за Албанскиот јазик, Тиранската платформа, ќе ве казнуваат ако не знаете Албански, македонскиот јазик ќе изчезне, државата ќе ја снема. И што се случи? НИШТО! Напротив, државата наша стана посилна со еднакви граѓани.
Јас сум Европјанин и сакам да сум дел од Унијата со сите мои, но и со сите особености на моите сограѓани македонци, етнички, јазични, културни, идентитетски, духовни особености.
Утре пак ќе треба да се видиме, да се поздравиме, ниту вие ја сакате државата повеќе од нас, ниту ние повеќе од вас, разликата е во храброста за да донесеш правилна одлука која што ќе и ја донесе тапијата на државата преку нула отворени прашања со соседите.
Внатрешно ги уредивме прашањата со Охридскиот договор, со Грција преку Преспанскиот, со Србија преку аутокефалноста, остана уште спорот со Бугарија за да се заокружи и затвори вековното спорење кое потфрли да ги асимилира народите на овие предели.
Не успеаја ниту римјаните, ниту византијците, ниту отоманите, ниту србите и бугарите, не успеа никој, и нема да успее никој.
Затоа, не лажете, не ги плашете луѓето, читајте и надминете се себеси, мислете и делувајте за утрешна европска Македонија!