Ковачевски на средба со Села: Потребено е државничко однесување за просперитет на сите народи во Северна Македонија

Во рамки на широката консултација која интензивно се одвива, веднаш по добивањето на европскиот предлог, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денес одржа средба со лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села.

На средбата, премиерот Ковачевски ги изнесе позициите на Владата во однос на европскиот предлог. Премиерот Ковачевски нагласи дека оваа Владата работи со што поголем консензус и секогаш во интерес на граѓаните и уште еднаш ги потврди ставовите дека потребни се мудри одлуки и заедничка одговорност која ќе ни обезбеди европска иднина. Во разговорите премиерот Ковачевски истакна дека во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, што беше најважното прашање за нас – Македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички.

Дополнително премиерот Ковачевски на лидерот на Алијанса за Албанците му порача дека неопходно е државничко однесување и вистинска одлука за мир, стабилност во државата и просперитет на сите народи кои живеат во Северна Македонија.

Премиерот Ковачевски истакна дека овој конечен европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020, со што преговорите со Европската Унија ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот.

По добивањето на предлогот од француското претседателство, премиерот Ковачевски одржа консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите. Премиерот Ковачевски најави дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Северна Македонија.

Оваа средба е дел од низата консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство.