Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во соработка со ОЕЦД/СИГМА, (Организација за економска соработка и развој/ Програма за поддршка за подобрување во управувањето и менаџментот), вчера во хотелот„ Double Tree Hilton“ во Скопје организираше дијалог со државните секретари - „Подобрување на планирањето и координацијата на политиките во Република Северна Македонија“, на која учествуваа државните секретари, претставници од Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација, експерти од ОЕСД/СИГМА и претставници на Делегацијата на ЕУ. Покрај генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, на отворањето на овој дијалог се обратија и Александру Албу, шеф на оддел во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и координаторот од програмата СИГМА за Република Северна Македонија, Баграт Тунијан.
Генералниот секретар на Владата Димовски се осврна на чекорите кои Генералниот секретаријат ги презема согласно препораките на СИГМА во насока на зајакнување на ефикасноста на системот за одлучување на Владата и механизмите за хоризонтална координација и следење на политиките. „Генералниот секретаријат интензивно работи на унапредување на правната и методолошката рамка и воспоставување на процедури за зајакнување на централните владини функции за координација на политиките и унапредување на ефективноста на Владата. Улогата на државните секретари, во овој контекст, е од исклучително значење и денешниот дијалог е вовед во една подолгорочна дискусија како заедно да придонесеме кон развивање на овој систем,“ истакна Димовски.
Координаторот на СИГМА за Република Северна Македонија, Баграт Тунијан пред државните секретари ги презентираше наодите на Извештајот за мониторингот на СИГМА од 2021 година за почитување на начелата на јавната администрација во Република Северна Македонија во делот „Развој и координација на политиките“, истакнувајќи дека СИГМА останува на своите заложби и поддршка за владините политики за реформа на јавната администрација согласно начелата на европскиот административен простор.
Вработени во Генералниот секретаријат на Владата и МИОА, во рамки на овој дијалог, ги информираа државните секретари за процесот на подготовка на новата Стратегија за реформа на јавната администрација 2023-2030. Беа претставени и мерките за подобрување на квалитетот на проценката на влијанието на регулативата, како и консултациите со засегнатите страни во процесот на креирање политики и подготовка на закони, како и воспоставената правна рамка за подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на секторските стратегии.