Министерот Јанакиески на светскиот форум за транспорт имаше билатерални средби со колеги од повеќе земји
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој учествува на министерската конференција во рамки на годишниот самит на Меѓународниот форум за транспорт (ИТФ) во Лајпциг, Сојузна Република Германија, денеска имаше билатерални средби со претставници на делегации од Турција, Италија, Данска, Полска, Белорусија и Бугарија.
Како што соопшти Министерството за транспорт, предвидено е Јанакиески попладне да има билатерална средба и со делегацијата на Руската Федерација.
На средбата со својот турски колега Бинали Јилдирим, министерот Јанакиески разговараше за зацврстувањето на соработката во делот на превозот во патниот сообраќај и зголемување на бројот на транспортните дозволи, додека со заменик-министерот за транспорт на Бугарија Камен Кичев дискутираше за можностите за соработка во делот на изградба на железничкиот дел од Коридорот 8. Од бугарска страна беше изразена нивната поддршка за овој проект, а начелно беше утврдена и можноста за либерализирање на транспортот меѓу двете земји кој по финализирање на формалните постапки би можел да се одвива без режим на дозволи.
На средбата со заменик-министерот за транспорт и врски на Белорусија Александер Шишко е договорено да се воспостави работна група за уредување на односите во делот на превозот на патници и стока во патниот сообраќај и обезбедување на дополнителен број транспортни дозволи за македонските превозници за и од трети земји.
Министерот Јанакиески и државниот секретар за транспорт, градежништво и поморска економија на Полска Тадеуш Јармужевич ги реафирмираа добрите односи меѓу двете земји и ги разгледаа можностите за дополнително подобрување на соработка, особено во делот на превозот.
Во рамки на самитот чија тема годинава е „Беспрекорен транспорт: правење на конекции“, министерот Јанакиески се сретна и со генералниот директор на одделот за транспорт, навигација и комуникации на Италија Енрико Финоки. На оваа средба беше изразена поддршката на Италија за реализирање проекти за развој на Коридорот 8 и се дискутираше за можностите околу зголемување на квотата на транспортни дозволи за возила со Еуро 3 стандард на корист на македонските превозници.
На меѓународниот форум за транспорт, најголем во светот, има повеќе од 700 учесници, меѓу кои владини делегати од преку 50 земји, претставници на бизнис и невладин сектор. Тие преку дискусии развиваат стратегии и акции кои ќе придонесат за креирање политики на национално и меѓународно ниво.