Нокиа во јуни отвора центар за развој на мобилни апликации во Македонија
Министерот за информатичко општество и администрација, м-р Иво Ивановски во рамки на официјалната посета на Хелсинки, Финска оствари средба со претставници од компанијата Нокиа.
Министерот Ивановски и амбасадорот на Република Македонија во Финска, Кире Илиоски, ја посетија компанијата НОКИА и остварија средба со потпретседателот Ерки Ормала, на која беа претставени можностите што ги нуди Република Македонија за инвестирање на странските инвеститори.
На средбата со претставниците на Нокиа официјално било договорено отворањето на регионалниот центар за развој на мобилни апликации во Република Македонија, кој ќе биде единствен од овој тип во поширокиот регион и ќе има директна соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ.
Отворањето е предвидено за почетокот на јуни 2012 година.
Иницијативата за отворање на ваков развоен центар беше потегната неодамна од Министерството за информатичко општество и администрација и локалната канцеларија на Микрософт во Македонија.
Оваа соработка на Нокиа заедно со ФИНКИ и Владата на Република Македонија е од особено значење со што ќе се овозможи изготвување на модерни апликации за граѓаните на Република Македонија и пошироко во регионот и е од големо значење за домашната ИТ индустрија за поблиска соработка со светскиот производител на мобилни телефони НОКИА.
За време на денешната посета на Финска, министерот Ивановски оствари средба и со финскиот министер за јавна администрација, г-ѓа Хена Вирканен (Ms. Henna Virkkunen, Minister for Public Administration and Local Governement).