Четири талентирани ученици од 14 до 16 години ќе ги развиваат вештините на летни курсеви во САД
Министерството за образование и наука во соработка со Центарот за талентирани ученици (Center for Talented Youth) при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, САД, ќе додели четири стипендии за надарени ученици на возраст од 14 до 16 години за посета на летната програма на CTY.
МОН го објави Конкурсот на својата веб-страница, а наскоро тој ќе излезе и во дневниот печат. Стипендијата ги опфаќа трошоците за тринеделен престој (почнувајќи од 15 јули), повратен авионски билет и краткорочно здравствено осигурување.
Учениците треба да посетуваат редовна настава во основно или средно училиште, да имаат континуиран одличен успех во образованието и сертификат за познавање на англискиот јазик. Во прилог треба да ги достават и дипломите за освоени награди на реномирани меѓународни или државни натпревари од областа на математиката, физиката, хемијата, информатиката или англискиот јазик.
Крајниот рок за доставување на документацијата во МОН е 10 мај 2012. Ранг-листата со избраните кандидати ќе биде објавена на веб-страницата на МОН.
Министерот Панче Кралев на прес-конференција информираше дека оваа година е пилот-проект и ќе бидат испратени само четири македонски ученици.
- Сите ученици од Македонија меѓу 14 и 16 години ќе може да се пријават на конкурсот. Преку протоколите на Бирото за развој на учениците ќе биде избрана група ученици, а потоа ќе дојдат професори од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ кои ќе ја извршат крајната селекција на учениците кои ќе поминат три недели во нивниот Центар за талентирани ученици... Се надевам дека во иднина преку соработката со овој универзитет ќе бидеме во можност да развиеме регионален центар за талентирани деца, какви што постојат во неколку земји во севтот, рече Кралев.
Летните курсеви на CTY се интензивни и им овозможуваат на талентираните ученици да изберат настава од областа на природните науки (напредно ниво на математика, физика, хемија, компјутерски науки...) и од општествените науки (психологија, историја, креативно пишување, напредна герографија...) Учениците кои ги посетувале летните програми на CTY се студенти на врвните универзитети во Америка. Курс на CTY поминал и Марк Цукерберк, основачот на Фејсбук.
Бирото за развој на образованието (БРО) во соработка со институтите за педагогија и филозофија две години работи на креирање систем за рано откривање талентирани ученици во училиштата, за да им се помогне да го развиваат својот талент. Стручните служби (педагози и психолози) ќе користат различни видови инструменти (тестови за општа интелигенција и за посебни таленти) за да се детектираат афинитетите и потенцијалите на младите.
- Стручните служби во училиштата од септември ќе бидат обучени за да може да ги применуваат тие инструменти, за да се изврши правилно откривање на талентираните ученици, а понатаму со нив ќе има посебен систем на работа. Тие нема да бидат исклучени од редовната настава, туку ќе им се овозможи продлабочено развивање на знаењата и вештините, рече директорката на БРО Весна Хорватовиќ.
Според Законот за основно и средно образование, наставниците од почетокот на оваа учебна година имаа обврска да направат распоред на настава со дополнителни часови за ученици со послаб успех, но и додатни часови за надарените ученици. На новинарско прашање Хорватовиќ одговори дека додатната настава за талентирани ученици функционира, но БРО нема податоци колкав е бројот на ученици во Македонија што неа ја посетуваат.
- Талентираните не се голем процент и нивниот број зависи од училиште до училиште, но постои законската обврска за часови за додатна настава, рече Хорватовиќ.