Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска го пречека премиерот на Кралството Шпанија Педро Санчез на својата прва официјална посета на Република Северна Македонија.
По срдечниот пречек двајцата премиери имаа тет-а-тет средба како и билатерална средба на делегациите од обете земји.
По работниот дел од посетата премиерот Ковачевски и премиерот Санчез дадоа изјави за медиумите. Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски:
„Задоволство е денеска да сум домаќин на првата посета на шпански премиер во Северна Македонија. Оваа историска посета е симбол на речиси 30 години одлични билатерални односи помеѓу двете земји.
Сакам во мое име и во името на сите граѓани да изразам благодарност за силната поддршка на Шпанија за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Оваа поддршка денеска и лично ми ја пренесува премиерот Санчез, што за мене, а верувам и за граѓаните на Република Северна Македонија претставува особено голема чест.
Како резултат на таа поддршка и поддршката на сите останати земји пријатели на Северна Македонија, пред нешто повеќе од 10-тина дена ја одржавме првата меѓувладина конференција со која ги отпочнавме преговорите со Европската Унија.
После донесените тешки одлуки кои бараат лидерство, храброст, одговорност и државничко однесување, направивме уште еден крупен чекор кон остварување на нашата повеќедецениска стратешка цел.
Најважно од сѐ, тоа го направивме како Македонци, кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ.
Со отпочнувањето на преговорите, нашиот идентитет, нашата посебност, она што е карактеристично, македонско, наше, ќе остане автентично македонско и во Европската Унија од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна.
Ние го живееме европското мото секојдневно, нашето мултикултурно, мултиетничко општество е обединето во различностите и особено гордо на истите. Кажав на неколку наврати и ќе повторам, ние сме подготвени за Европската Унија и со цврст чекор одиме напред кон полноправното членство во Унијата. Тоа е процес од кој нема да отстапиме бидејќи нашето место е во ЕУ. Затворивме едно поглавје и отвораме ново, европско, во кое ќе делиме европска иднина со нашите пријатели како што е Шпанија. Гледаме напред кон европската иднина и држава со европски вредности која ќе им ја оставиме на идните генерации.
Со официјалното започнување на преговорите со ЕУ, веднаш после меѓувладината конференција го започнавме и скринингот кој низ следниов период очекувам да биде силен мотиватор во нашите институции и служби, кои токму овој момент го чекаа цели 17 години.
Немам сомнеж дека токму овој процес ќе придонесе за силен фокус врз спроведувањето на реформите кои само ќе ги забрзаат пристапните преговори се до нашето полноправно членство.
Ние не забораваме и благодарни сме, и за ратификацијата на протоколот за нашето членство во НАТО. Шпанија ја спроведе ратификацијата во вонредни околности во тоа време, за три дена подоцна, да станеме 30-тата членка на НАТО.
Премиере Санчез, вашата поддршка навистина ни значи, како досега така и во иднина!
Шпанија и Северна Македонија особено од 2019-та имаат интензивен политички дијалог. Евро-интегративните процеси и економската соработка се полиња од интерес и за двете земји, во кои меѓусебната поддршка е на високо ниво. Продолжуваме со интензивирање на оваа соработка и поттикнување на приватниот сектор за заеднички инвестициски проекти.
Како земји сојузнички во НАТО, од исклучителна важност е нашето единство во придонесот на што побезбедна Европа. Северна Македонија ќе продолжи да биде фактор на мир и стабилност во регионот. Заедно со Шпанија, ќе продолжиме да работиме на имплементација на целите на Алијансата за глобален мир и просперитет.
Во време во кое анти-демократските сили сериозно се обидуваат да влијаат врз стабилноста во Европа, ние како демократски, прогресивни и проевропски сојузници имаме обврска да го покажеме силното обединување против овие сили.
За крај, би сакал да го споделам заедничкиот заклучок дека оваа посета доаѓа во позитивен проевропски момент за Северна Македонија, кој планираме да го зајакнеме за време на шпанското претседателство со Европската Унија, кое со големо задоволство го очекуваме.
Ви благодарам."