Премиерот Димитар Ковачевски, во вестите на Канал 5 посочи дека Северна Македонија е земја која ги надмина конфликтите и прерасна во просперитетна, напредна држава и оди напред кон Европската Унија која почива на добрососедски односи, каде држави кои меѓу себе војувале, кои не можеле жртвите да ги пребројат меѓу себе, се обединиле и ги надминале разликите и заедно со Соединетите Американски Држави се место каде има економски просперитет, демократија и критично размислување и социјална правда.
„Тоа е начинот на кој треба да се градат добрососедските односи. Јас верувам дека со текот на времето сè поголем број граѓани и тука мислам на оние кои веруваат во европската идеја, кои што веруваат во просперитетна и напредна држава ќе се приклучат на овој процес на преговори со Европската Унија“, рече премиерот Ковачевски кој повтори дека нема враќање од патот кон ЕУ.
„Од тој процес нема назад. Единаесет години оваа држава беше држена во заложништво. Единаесет години некој креираше само споменици во центарот на Скопје. Единаесет години некој се обидуваше да не раскара со соседите. Единаесет години бевме скарани внатре. Единаесет години гледавме тензии кои што беа на етничка основа во државата. Тоа денес го немаме'’, истакна Ковачевски кој подвлече дека покрај добрососедските односи, имаме изградено еднакво општество за сите каде што нема никакви тензии.
Тој потенцираше дека и при гласањето за заклучоците на европскиот предлог од Европскиот совет за отпочнувањето на преговорите на државата со Европската Унија секој пратеник ја изрази слободно својата волја.
„Истото треба да биде и со уставните измени, бидејќи се работи за вклучување на дополнителни делови од други народи во преамбулата во нашиот Устав. Тоа ја зголемува хомогеноста, го зголемува капацитетот на државата. Сметам дека секој пратеник без разлика на неговата политичка, верска припадност има обврска спрема граѓаните да носи одлуки кои значат подобра иднина за оваа генерација и идните генерации на државата“, заклучи Ковачевски кој повтори дека што побрзото пристапување кон ЕУ, значи и побрз економски развој, поголема социјална правда и поголем развој на сите други сегменти на општеството по примерот на европските држави.
Истовремено тој изрази уверување дека пратениците препознавајќи ја европската идеја ќе гласаат за сите потребни измени кои треба да бидат направени, во однос на законите и уште уставни измени во однос на прилагодувањето на нашиот Устав при самото влегување во ЕУ, со пренесување на надлежностите, како што прават сите држави членки на ЕУ од националните институции на институции од ЕУ.
„Затоа сметам дека ова е процес кој е неповратен, кој оди напред, кој што државата ја носи напред и од кој процес нема назад. Нема ни лево ни десно“, истакна премиерот Ковачевски кој подвлече дека во времето пред нас и опозицијата и сите граѓани се убедија во исправноста на тоа што го зборуваше Владата и тој како премиер, дека имаме чист македонски јазик во преговарачката рамка, заштитен македонски идентитет по сите основи во ЕУ, дека историските прашања се дел од работата на Историската комисија, а не дел од скрининг процесот во ЕУ.
„Јас сметам дека ние во моментов треба да разговараме како треба да изгледаат преговарачките тимови, како поефикасно да функционира Собранието. Доста беа блокади, доста беше бојкотирање во Собранието“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5.