Груевски: Македонија прва во Европа по параметарот централен регистар, следен предизвик прва во светот

Работата и реформите во Централниот регистар  придонесоа Македонија  од страна на Светската банка според параметарот централен регистар втора година по ред да биде рангирана на првото место во Европа и на шесто место во светот. По тој основ Македонија е и пред својот учител Норвешка од која  користеше искуства и помош при формирањето. Следен предизвик ќе биде во наредните години Македонија да го заземе првото место во светот. 

Тоа го оцени премиерот Никола Груевски на одбележувањето на 10 годишниот јубилеј од основањетона Централниот регистар.

Според него, Централниот регистар во изминатите десет години прераснал во една  од водечките институции во спроведувањето на исклучително комплексни и сложени проекти кои се  од големо значење за деловната заедница во Македонија.

Сите проекти  што ги започнал и реализирал  Централниот регистар, посочи Груевски,  се доказ дека таа институција се поставила  одлично во системот, излегла во пресрет на многу предизвици.

- Заеднички успеавме  да докажеме дека регистрирањето фирма не мора да биде за 48  дена, туку дека може да биде и за  четири часа, оти нема потреба од купови документи, бирократски процедури и мачни постапки за да се регистрира фирма, туку дека тоа може да се направи и преку интернет и од каде било на светот... дека Македонија може да биде меѓу првите во светот според услови за започнување бизнис, оти  нема потреба од купови документи и дека многу процедури може да се дигитализираат и да се водат по електронски пат, наведе Груевски.

Toj забележа дека сега граѓаните не мора да чекаат по шалтери за разни документи затоа што регистарот може да се поврзе и да користи електронски бази на податоци за вадење документи од други институции.

Директорот на Централниот регистар Ванчо Костадиновски  рече дека денес институцијата со која раководи дава значителен придонес кон унапредување на деловната клима и олеснување на водењето бизнис.

- Со анализа на податоците со кои располагаме се добива една многу прецизна слика за состојбите во приватниот и јавниот сектор во РМ.  Имаме увид во тоа колку правни субјекти поднесуваат годишни сметки, а колку работат со добивка, какви извори на финансирање користат, колку има ново регистрирани правни субјекти, колку вкупно регисдтрирани , колкав е бројот на уписи во регистарот на директни инвестиции, борјот на уписи на залог и на лизинг.Меѓу другото регистарот овозможува прецизни податоци за соодветни макроекономски анализи и планрање, рече Костадиновски.  

Во насока на подобрување на транспарентноста, наброја, воспоставено е електронско водење на стечајните постапки.  Податоците се достапни за јавноста преку интернет, а системот овозможува следење судски рочишта и одлуки, објави на рочишта и аукции и евидентирање на побарувањата. За иднина предвидена е регистрација на залог и на лизинг, проект што е во завршна фаза.  Директни бенефити чувствуваат бизнис заедницата, адвокатите, нотарите, извршителите, странските инвеститори..., оцени Костадиновски.

Тој нагласи дека во Централниот регистар реформите не запираат. Во насока на подобрувње на бизнис климата, најави, преку намалување на товарот и трошоците на бизнис заедницата за регулаторно известување моментно се развива проектот за Мета база на податоци, како трета фаза од проектот за воведување едношалтерски систем.

Во развојна фаза е и регистарот за задолжница кој ќе овозможи побрза и посигурна наплата на побарувањата во должничко доверителските односи како и во воведување нов систем за електронски нарачи на информаци и нивно преземање во електронска форма преку интернет, најави директорот на Централниот регистар.

Претседателот на Комората  на стечајни управници Ацо Петров оцени дека од реформите на регистарот  постојано ползува и комората.  Стечајните управници  добија полесен пристап до информациите со што е олеснета стечајната постапка, укажа Петров. 

Како институција која произлезе од трансформацијата на Заводот за платен промет Централниот регистар е формиран во 2002 година. Работи со девет регистри и еден во подготовка, 308 вработени, 11 регионални регистрациски канцеларии и 16 регистрациски  канцеларии низ државата.