Конференција на Берзата - Моменталната стастичка крвна слика на Берзата е далеку од поволна

За Македонскиот пазар на капитал и Македонската берза ова е тежок период полн со предизвици и дилеми за тоа како да се опстои, како да се продолжи натаму и како да се стане активен чинител на економските и финансиските текови во Македонија.

Ова го истакна директорот на Македонска берза Иван Штериев обраќајќи се на 13. Годишна конференција на Берзата.

- Моменталната статистичка крвна слика на Берзата е далеку од поволна. Главниот берзаnски индекс на крајот на април изнесува 1982. Општото ниво на цена е намалено за 22 проценти од почетокот на оваа година. Вкупниот промет од почетокот на годината е 26 милиони евра, наспроти 72 милиони евра лани. Класичното тргување во БЕСТ системот изнесува скромни 15,6 милиони евра, односно 200 милиони евра дневно. Странските портфолио инвеститори  учествуваат во вкупниот промет со само 5,5 проценти. Учеството на домашните физички лица е слично како лани, а главното поместување и промена претставува зголемено учество на домашните правни лица кое е 71,5 проценти, рече Штериев.  

Според него, ова се прашања за милион долари и оти не можат да се одговорат брзо и лесно.

Обраќајќи се пред присутните, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески потенцира дека последните случувања на глобално ниво уште еднаш потврдија дека пазарите на капитал, особено оние во мали и отворени економии како македонската, се најчувствителnи и подложни на надворешни влијанија. - Забавениот економски раст и нестабилноста на финанските пазари во еврозоната ја зголемија неизвесноста во поглед на идните случувања. Во такви услови инвеститорите реагираа со воздржување од инвестирање. Стравот од неизвесноста се покажа посилен од пазарната логика. Дел од македонските компании ги подобрија резултатите, цените на акциите се намалија и често се под нивната книговодствена вредност, а дел носат и добар дивиденден принос. Сепак, на Македонската берза нема нови инвеститори, а ниту постојните не се подготвени за поголеми вложувања, рече министерот.

Посочувајќи на придонесот на Владата во сегментот на пазарот на капитал рече дека државните обврзници и натаму се единствени обврзници со кои се тргува на Македонската берза и оти во 2011 година прометот изнесуваше 2,14 милијарди денари или над 60 отсто од прометот со акции и обврзници на официјалниот пазар.

- Во текот на мај годинава ќе се реализира 11. емисија на обврзници за денационализација во износ од 10 милиони евра, а наскоро се очекува да бидат издадени и првите општински обврзници, кои ќе претставуваат дополнителен импулс за раздвижување на Берзата, рече министерот Ставрески.

Тој потенцира дека за поттикнување на појавата и развојот на инвестициските фондови во подготовка се измени на Законот за инвестициски фондови со кои ќе се релаксираат условите за формирање инвестициски фондови.

Според гувернерот на НБРМ Димитар Богов должничката криза во Европа е најголемиот предизвик пред кој ќе бидеме исправени. Тој се осврна и на мерките и политиките што ги презема централната банка.

Во рамки на конференцијата Македонската берза потпиша Меморандум за соработка со Истанбулската.

Целта, е како што рекоа директорите на двете берзи, продлабочување и унапредување на соработката што постои од претходно.

Македонската берза по петти пат ги додели и признанијата за најтранспарентно котирано друштво на Македонската берза – „Кристално ѕвоно“ и за најдобар научно-истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност. „Кристално ѕвоно“ доби „Алкалоид“ АД Скопје, додека добитник на наградата за најдобар истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност беше Милан Елисковски.