Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешната прес-конференција ја презентираше искористеноста на ЕУ фондовите, Инвестициската рамка со европски средства за Западен Балкан и што се планира во новиот ИПА 3 концепт за периодот 2021-2027 година, истакнувајќи дека сè подобро и подобро ги користиме фондовите на Европската унија.
Северна Македонија учествуваше во сите 28 повици за техничка помош кои се досега објавени и на сите седум повици за инвестициски грантови. Притоа одобрени се 43 грантови во вредност од 2,6 милијарди евра, за вкупна вредност на инвестиции од 421.4 милиони евра, надополнети со заеми од околу 600 милиони евра. Доколку овој износ се подели со бројот на население доаѓаме до скоро 230 евра по глава на жител, што ја става нашата земја на второ место по искористеност на европски средства од инвестицискиот фонд за Западен Балкан, веднаш после Црна Гора, рече вицепремиерот и Национален ИПА координатор, Маричиќ.
Според него, само со максимално искористување на европските пари ќе може да продолжиме со забрзан процес на реформи кои се неопходни во процесот на напредување кон членство во Унијата, и сето тоа со една единствена цел – подобар, полесен и помирен живот за граѓаните.
На крајот на јули 2022 година, Европската унија ги одобри првите проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Ние аплициравме со четири инвестициски проекти и добивме поддршка за секој од нив во износ од 225,6 милиони евра. Одобрените се: Проектот изградба на железница помеѓу Северна Македонија и Бугарија во рамки на Коридорот 8, секција Крива Паланка – граница со Бугарија, доделен е грант во износ од 149.2 милиони евра, проектот за набавка на опрема за Осломеј 1 - Фотоволтаична станица доделен е грант за Северна Македонија во износ од 1.6 милиони евра, Проектот за набавка на опрема за Осломеј 2 и Битола - Фотоволтаична централа доделен е грант во износ од 5 милиони евра и проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје доделен е грант во висина од 69.8 милиони евра, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека со почетокот на скринингот, а многу повеќе со отворањето на поглавјата, граѓаните ќе го оценуваат напредокот на земјата токму низ имплементацијата на европските стандарди во сите сфери на општеството и информираше дека на почетокот од 2023 година следува нова инвестициска офанзива.
На тековниот повик за инвестициски грантови, Северна Македонија учествува со три нови проекти во вкупен износ од 53 милиони 15 илјади и 968 евра и тоа: Два проекти од областа на енергетиката, и тоа реновирање на шест хидроцентрали и изградба на ветернички парк во Богданци и еден од областа на заштитата на животната средина, изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југо-западен и Југо-источен регион, рече Маричиќ, додавајќи дека во соработка со Германската развојна Банка ќе се работи на енергетска ефикасност на сите студентски домови во државна сопственост.
На прес-конференцијата вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ, говореше и за новиот концепт на ЕУ за поддршка на земјите од Западен Балкан, ИПА III, за која веќе е подготвен Стратешки одговор за користење на оваа Програма за периодот 2021-2027 година. Истата за 2023 година е во прва фаза на одобрување односно во јули 2022 година доставени се акциски фишеа, а предвидува ЕУ финансирање од 68 милиони евра, за кои дополнително ќе биде обезбедено национално ко-финансирање.
Дополнително вицепремиерот и Национален ИПА координатор Маричиќ информираше дека Европската комисија ја усвои и програмата за ИПАРД 3 во која се доделени 97 милиони евра, европски средства кои ќе се искористат за поддршка на инвестиции во нова земјоделска механизација, изградба на сточарски и живинарски фарми, винарии, млекари, кланици, ладилници, инвестиции во рурален туризам, поддршка за мали бизниси во рурални средини и подобрување на руралната инфраструктура.
Владата покажа дека постои политичка волја за најважните и сеопфатни политички прашања од процесот на пристапување во ЕУ. Се поставуваме одговорно и во плановите да се подготвиме што е можно подобро и со помош на фондовите на ЕУ, да продолжиме со усогласувањето со правото и стандардите на ЕУ, потенцира на денешната прес-конференција вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Презентација: Искористеност на ЕУ фондовите и распределба на европските пари