Министерството за образование и наука продолжува со спроведување на планираните инвестициски активности за 2022 година за поквалитетни услови за образование, со подеднаков опфат на сите општини во државата и реализација согласно приоритетноста на потребите.
Едно од училиштата кои наскоро ќе имаат подобрени услови за реализација на воспитно – образовниот процес е основното училиште „11 Октомври“ во општина Куманово. Објектот на ова училиште до крајот на годината ќе добие нова, енергетски ефикасна фасада, за што МОН вложува речиси 16 милиони денари.
Во ова училиште министерството инвестираше 14 милиони денари за замена на прозорите, санитариите и подовите, а во план за следниот период е и реконструкција и опремување на спортската сала во склоп на училиштето.
Добрата образовна инфраструктура директно влијае врз мотивацијата за работа на наставниците и на стимулацијата на учениците за постигнување подобри образовни резултати. МОН и во периодот што следи ќе биде посветен на јакнењето на овој важен фактор за создавање на квалитетни ученички генерации.