Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска учествуваше на централната свеченост која се реализира во касарната „Илинден“ во Скопје на која Армијата на Република Северна Македонија со гордост го прослави својот јубилеен роденден и ги одбележа достигнувањата во текот на својот триесет годишен раст и развој.
„Денеска гордо и достоинствено го славиме денот на Армијата - 18 август.
Го одбележуваме 30 годишниот јубилеј на нашата Армија која е столб на безбедноста, одбраната, стабилноста и довербата како рамноправна членка на еден од најмоќните воено-безбедносни сојузи, НАТО.
Изразувам искрена благодарност, од свое лично име, од име на Владата и од сите граѓани, до сите припадници на Армијата, до секој припадник на воениот и на цивилниот персонал на нашата Армија, за огромната заложба, посветеност и придонес сите овие години.
Ви благодарам за влогот, за вашиот труд во градењето на стабилна, модерна Армија со високи стандарди, рамноправна со останатите моќни членки на Алијансата, со чии армии учествува во многубројни мисии.
Армијата е секогаш на првата линија на помош и поддршка за сите нас, а ние посветено продолжуваме со нејзино модернизирање за сериозна борбена подготвеност, создавајќи најповолни услови за припадниците на воениот и цивилниот персонал.
Нека е честит и вековит Денот на Армијата!”, е наведено во честитката на премиерот Ковачевски.
На свечената церемонија на која присуствуваше премиерот се одржа и дефиле на ешалони составени од припадници на сите команди и единици на Армијата, и на современи борбени возила со кои располага Армијата меѓу кои и новите оклопни возила со кои се претстави достигнувањето и извежбаноста на припадниците на Армијата.
На централната свеченост покрај премиерот Ковачевски присутни беа и претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од Собранието, министри во Владата, претставници од дипломатскиот кор, пензионирани припадници на Армијата и претставници на организации со кои соработува Армијата.
Централната свеченост е една од завршните активности со кои се одбележуваше јубилејот 30 години од формирањето на Армијата меѓу кои беа реализирани: изложба по повод 30 годишниот јубилеј, отворениот настан за граѓаните, трибини, спортски натпревари, хуманитарни акции и прослави во единиците.