Јанкулоска: Полицијата е модерна и ефикасна и може да се споредува со сите европски служби
Полицијата успеа соодветно да одговори на сите ситуации што е показател дека е модерна и ефикасна служба која може да се споредува со сите европски служби, е генералната констатација на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во интервјуто за МИА, по повод Денот на полицијата, во која говори за повеќе теми, меѓу кои петкратното убиство кај Смиљковци, акцијата „Детонатор“, состојбите и реформите во полицијата, за „Новиот бран“...
На прашањето што ја одбележува годинава, таа потенцира дека доколку мора да издвои еден настан тогаш несомнено тоа е грозоморното убиство кај Смиљковското езеро, и акцијата која следеше потоа. Сепак, посочува, ако се обидам да направам дистанца би рекла дека главна карактеристика на годинава што е зад нас се големиот број акции и предизвици со кои се соочивме. Како позначајни се изборите, кои како најдемократски и најбезбедни досега се одржаа без ниту еден посериозен инцидент, потоа случајот „Кампања“ во кој се покажа незаконската игра на некои политичари на изборите, не помалку важна е и судската разврска на случајот „Пајажина“ која на виделина ги изнесе сите непринципиелни напади врз полицијата и обидот под слобода на говорот да се прикрие класичен криминал и затајување на даноци. Свој печат на годината секако остави и акцијата „Детонатор“, но и бројните заплени на дрога, како и приведувањата на лица барани со меѓународни потерници. Не смее да се занемари, нагласува Јанкулоска и брзата реакција на МВР и во случаите на убиствата на плоштадот во Скопје по завршување на изборите и убиството во Гостивар, но и преземените мерки за запирање на насилството во автобусите.
- Веќе шеста година сум дел од извршната власт и раководам со едно од најголемите и најкомплексните министерства. Искрено не паметам дека опозицијата била некогаш задоволна од некој проект или поздравила некоја акција. Напротив, редовно се ставаат на страната на криминалот. Затоа и нивното незадоволство не можам да го третирам како основано, бидејќи истите беа незадоволни и од изборот на граѓаните при гласањето. Се додека Црвенковски и опозицијата не отстапуваат од транзициската матрица и на граѓаните гледаат со потценување, за мене секоја нивна интерпелација и неаргументирана критика е уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат кој е сосем спротивен од патот по кој одеше Македонија во времето на криминалната приватизација, времето на нерасчистени атентати, исчезнат кокаин и време на царување на урбаната мафија и шверцот на цигари и нафта, е одговорот од министерката Јанкулоска на прашањето како гледа на неколкуте интерпелации побарани од страна на опозицијата и тоа главно по секоја успешна акција на полицијата.
На прашањето дали МВР во расчистувањето на убиството кај Смиљковци соработуваше и соработува со други пред се разузнавачки служби од соседството, министерката за внатрешни работи повотори дека не би ги фаворизирала информациите на странските служби, во однос на информациите што ги имаат нашите служби.
- Не е пресудно од каде доаѓаат, туку дали информациите се точни и прецизни. Според сознанијата кои ги имаме радикалниот ислам имаше експанзија на глобално ниво, а се разбира дека Република Македонија не може да биде исклучок и да се смета за изземена од ризикот. Глобализацијата и интернетот не се само можност за подобрување на комуникациите меѓу нациите, туку и можност за поефикасно разменување и ширење на радикалните идеи, рече меѓу другото Јанкулоска, додавајќи оти во конкретниот случај МВР со свои сили, но и со безрезервна помош и подршка од граѓаните кои ни даваа поддршка но и информации на специјалната телефонска линија 199, успеа да го реши грозоморното убиство.
Одговарајќи на прашањето дали МВР очекува други инциденти по овој случај и дали полицијата ќе го подигне степенот на претпазливост за евентуални обиди за ширење на радикален ислам, Јанкулоска децидена дека целта која сакаат да ја постигнат ваквите групи е стравот, а нивната намера е да предизвикаат вознемиреност и да го променат секојдневниот начин на живеење, да внесат раздор, нетрпеливост и нервоза меѓу граѓаните, но и сомнеж во капацитетот на институциите и државата и конечно да создадат плодна почва за нивно натамошно делување и ширење.
- Ниту јас, а верувам ниту граѓаните на Македонија нема да бидат соучесници во оваа нивна намера. Македонското општество покажа зрелост и не дозволи ескалација на инциденти, но не смее да се залажуваме дека не може да има нови предизвици. Мора да останеме сплотени и будни, нагласува Јанкулоска во интервјуто за МИА.
Целиот свет, укажува таа, е воведен во нова безбедносна ера по нападот на кулите близначки, а истиот ни покажа дека ниту најразвиените и најопремените не може да бидат имуни на терористичките закани. Ги спомена и бомбашките напади во Лондон, Мадрид, Беслан ...
- Овој трагичен и грозоморен чин кој ни се случи близу Смиљковското езеро и утврдувањето на сторителите и мотивите, не би рекла дека е вовед во нова ера, туку најбрутално потсетување во какво време живееме и на какви предизвици мора да бидеме подготвени, рече министерката за вантрешни работи.
- Во врска со „Новиот бран“, Јанкулоска тврди дека МВР е професионална и непартиска институција и таква ќе остане, но ќе го зафати и МВР, бидејќи новиот бран е синоним за промени кон подобро, нови идеи, нова енергија и висок степен на мотивација да се направи нешто за подобра Македонија.
- Само пет функционери се избираат политички. Министерот и заменикот од Собранието и државниот секретар и директорите на јавната и државната безбедност од Владата. Тие се должни да ги одредат политиките, курсот и приоритетите на програмата што ја гласале граѓаните на избори. При изборот на командири на полициски станици од општа надлежност улога имаат и советите на локалната самоуправа кои ги утврдуваат приоритетите на локално ниво. Сите останати вработени во МВР, без разлика на која позиција се ангажирани, во службата се движат според системот на кариера. Ние во континуитет го применуваме системот на компетентност, ефикасност и професионалност. Секој што ги задоволува овие критериуми напредува. Оние кои не одговараат соодветно на обврските добиваат други задачи, посочува Јанкулоска. Последен пример, потсетува, е неодамнешната смена на 13 старешини на подрачјето на СВР Штип, за кои смета дека не се ангажирале доволно за извршување на нивните работни задачи. Најзината порака е дека ќе останат бескомпромисни и во овој поглед. Промени во МВР, истакна, имало и ќе има, во функција на постојани реформи за подобар живот на граѓаните.
Говорејќи за полоициската акција „Детонатор“, таа меѓу другото нагласува дека единствената селекција која МВР ја прави е тоа дали некој работел согласно законот или не. Граѓаните и овој пат, подвлекува, ја препознаа нашата решеност за бескомпромисна и неселективна борба против криминалот.
- Можам да потврдам дека нема да отстапиме од политиката на нулта толеранција кон организираниот криминал и корупција. Нема ниту притисоци, ниту влијанија кои би не запреле во нашата намера, децидена е министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.