Повеќе од 300 изложувачи од 22 земји, ги преставија своите производи, традиција, карактеристики и обележја на првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, чиј покровители се Република Северна Македонија, заедно со Република Србија и Република Албанија.
По официјалното отворање на Саемот, лидерите на Отворен Балкан, премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, заедно со своите државни делегации ги посетија штандовите на производителите на вино.
Во текот на прошетката, лидерите имаа можност да се запознаат со долгата традиција на производство на грозје и вино, претставени преку врвните вина на трите држави.
Лидерите покрај винарските визби, како дел од лозарството на Саемот „Винска визија на Отворен Балкан", ги посетија штандовите за производство на ракија, каде што изложувачите ги преставуваат своите технологии, традиција и брендови на ракија.
Северна Македонија на Саемот се преставува со вкупно 42 винарии и 3 дестилерии пред посетителите и додека трае Саемот ќе се презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.
Во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан", посетителите имаат можност за дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година. Овој Саем е одлична можност за преставување и промоција на нашето македонско вино, отворање на нови можности за соработка, обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија.