Тренчевска на брифинг со медиумите: Инвестираме во социјалните услуги со цел нивен развој и долгорочна одржливост во интерес на граѓаните

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска во Клубот на пратеници оддржа брифинг за претставниците на медиумите посветен на напредокот во реализацијата на социјалната реформа и Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) како нејзин инструмент на поддршка.

Посебен акцент на брифингот беше ставен на претстојното преземање на новите социјални услуги кои се спроведуваат на локалното ниво, во системот на централно финансирање.

Министерството за труд и социјална политика обезбеди долгорочна одржливост на социјалните услуги, обезбедувајќи средства за нивно финансирање од државниот буџет. Почнувајќи од септември годинава, социјални услуги кои досега се финансираа на проектна основа постепено ќе бидат преземени во системот за централно финансирање за што се веќе обезбедени средства во буџетот за 2022 година. Со ова се создава можност за нивен натамошен развој, а граѓаните, особено оние од најранливите категории ќе продолжат да добиваат квалитетни услуги и подобар квалитет на живот.

Сеопфатната социјална реформа која на терен ја спроведува Министерството за труд и социјална има за цел да создаде нови социјални услуги согласно потребите на граѓаните, а воедно и да придонесе за зголемување на бројот на граѓани кои ќе ги користат овие услуги. Услугите кои ќе почнат да се финансираат од буџетот се дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светската банка. Она што е значајно за нив е дека постапката за обезбедување на правото на социјалните услуги останува иста, независно од промената на начинот на финансирање.

„Развојот и одржливоста на социјалните услуги е врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата. Токму затоа со голема посветеност работевме на развој на модел кои ќе го поттикнат процесот на создавање на поквалитетни социјални услуги кои ќе бидат достапни за што повеќе граѓани. Навистина постигнавме одлични резултати, а сега со обезбедувањето на средства за финансирање од буџетот обезбедуваме и нивна одржливост. Ова е од огромно значење бидејќи една реформа може да е успешна само доколку е поставена на принципите на долгорочност и одржливост. Горди сме што на граѓаните веќе им нудиме услуги кои во голема мерка го подобруваат квалитетот на нивниот живот, а истовремено сме горди што преку развојот на овие услуги обезбедивме отворање на нови работни места за лица од најранливите категории“, истакна министерката Тренчевска. 

Преку развој на социјалните услуги, досега се ангажирани 247 негувателки и стручни лица, а предност имаа лицата од социјално ранливи категории, кои добија можност за работа но, и едукација преку стручни обуки. Услугите досега ги користат околу 700 граѓани.

Преку првиот јавен повик за доделување на грантови за развој на социјални услуги реализиран од Проектот за подобрување на социјалните услуги, досега поддржани се вкупно 22 проекти во 27 општини во земјата. Согласно потребите на граѓаните најголемиот дел од услугите се наменети за помош и нега на стари лица, дневни центри за стари лица за активно стареење и дневен престој за деца со попреченост, рехабилитација и реинтеграција.

Одржливоста и развојот на услугите се обезбедува и преку Вториот јавен повик за доделување на грантови за развој на социјални услуги на локално ниво кој заврши неодамна и пристигнатите проекти се во процес на евалуација.

Покрај овие услуги, во фокусот на социјалната реформа е и подобрување на услугите за згрижување на децата во предучилишна возраст. Во рамките на оваа реформа Министерството за труд и социјална политика од 2017 година до сега успеа да изгради и реновира 71 детска градинка, со што обезбеди згрижување на над 4500 деца од претшколска возраст. Во тек е изградба на уште 11 градинки. Се очекува до крајот на 2023 година да заврши изградбата на 13 нови градинки. Покрај тоа Министерството за труд и социјална политика успеа да обезбеди зголемување на платите за вработените во градинките за 36%, а над 1300 воспитувачи поминаа повеќекратни обуки за унапредување на нивните компетенции.

Дополнително на тоа преку мобилна апликација Bebbo, развиена од УНИЦЕФ, во соработка на Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и поддршка на Европската Унија, дополнително се обезбедува зајакнување на капацитетите на кадарот.

Социјалната реформата се темели на четири постулати преку кои се овозможува исполнување на стратешките цели за развој на човечкиот капитал и намалување на сиромаштијата и тоа: плурализација - преку која покрај државата, се овозможува вклучување и на други субјекти во давањето на услугата со што се збогатува понудата; инклузија - преку што се менува традиционалниот пасивен, во активен пристап; деинституционализација, која е еден од главните столбови на Законот за социјална заштита и децентрализација, со што во процесот на социјални услуги се вклучуваат и општините. Општините добиваат грантови од Министерството за труд и социјална политика за изградба на нови детски градинки, за проширување на постојните капацитети и пренамена на постојни објекти во детски градинки, создавајќи услови за поголема мултисекторска соработка и поголема функционалност на услугите.