Филе: Пристапниот дијалог внесе нова динамика во евроинтеграцијата во Македонија
Задоволен сум што гледам нова динамика со поставувањето на европската агенда во центарот на јавната дебата. И покрај тоа што постојат многу предизвикувачки прашања таа е во центарот на дебатата, изјави еврокомесарот Штефан Филе на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со премиерот Никола Груевски по вториот состанок за пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ.
- Заклучоците договорени на првиот состанок во март се исполнети во сите шест точки и тоа е многу важно. Задоволен сум од патоказот кој е усвоен од Владата во април, а сега е важно да се работи на неговата имплементација и да се гледа на патоказот како на жив документ, рече Филе.
Тој подвлече дека отворањето на пристапните преговори е заедничка цел на Македонија и на ЕК, но во меѓувреме треба да се одржува моментумот на реформите и затоа, вели, започна пристапниот дијалог на високо ниво.
Премиерот Груевски истакна дека денешниот состанок го искористил да ја реафирмира цврстата определба на Владата на Македонија за членство во ЕУ и оти примарна цел е час поскоро оваа година отворање на пристапните преговори при што пристапниот дијалог треба да биде поттик во таа насока.
- Го уверив комесарот Филе дека Владата има силна политичка волја да испорача конкретни резултати не само во петте области опфатени со патоказот туку низ целиот спектар подрачја опфатени со копенхашките критериуми. Не се сомневаме дека нашите постигнувања ќе бидат соодветно валоризирани во извештајот за напредокот на Македонија во 2012 година и веруваме дека ќе бидат основа за повторување на препораката на Комисијата за почеток на преговорите со Македонија, рече премиерот Груевски.
Тој подвлече оти на состанокот станало збор и за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и меѓуетничките односи од аспект на неодамнешното петкратно убиство.
- Македонското мултиетничко општество и институциите на системот низ десетте изминати години на спроведување на Охридскиот договор докажаа дека имаат капацитет да се справуваат со предизвици од различна природа. Контекстот на европската и евроатлантската интеграција има особена заслуга за тоа и не случајно важноста на овој контекст е посочена во првите реченици на Охридскиот договор. Општствената енергија се концентрира на интеграцијата, а напредокот во интеграцијата го задушува просторот за виреење на радикални агенди, подвлече Груевски.
На денешниот состанок донесени се заклучоци во однос на петте клучни области опфатени со пристапниот дијалог на високо ниво. Следниот состанок ќе се одржи во септември. Резултатите кои ќе бидат испорачани на тој состанок директно ќе се одразат врз извештајот за напредокот на земјата кој ЕК треба да го објави во октомври годинава.