Бесими се сретна со словенечкиот колега Хојс
Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска ја посети Република Словенија, при што се сретна со својот колега Алеш Хојс.
На средбата беше потврдена одличната соработка меѓу двете земји на сите полиња, а особено во областа на одбраната.
- Од аспект на одбраната, досегашната соработка е на многу високо ниво и тоа укажува на фактот дека имаме уште многу простор за нејзино продлабочување, изјави Бесими по средбата.
Тој додаде дека од исклучителна важност е и континуираната поддршка на Република Словенија во процесот на евроатлантско интегрирање на Република Македонија, соопштуваат од ресорното Министерство.
- Во однос на членството во НАТО со задоволство можам да констатирам дека словенечката поддршка продолжува. Јас информирав за сите стандарди што нашата држава ги исполнува, за континуираните реформи, со цел достигнување на најновите стандарди на НАТО и за придонесот што нашите мировници го даваат во меѓународните мировни мисии, додаде Бесими.
Министерот Хојс во однос на поддршката за евроатлантско интегрирање на Република Македонија потенцираше дека земјата е подготвена и способна да се приклучи на земјите-членки на Алијансата.
- Словенија ја поддржува Македонија во нејзините напори за станување членка на НАТО, како што го правеше тоа цело време. Ние сметаме дека Македонија е доволно зрела и на потребното ниво за да може да направи чекор напред и да стапи во друштвото на НАТО. Секако сето тоа ќе го предложиме и на средбата на НАТО во Чикаго. Знаеме дека времето не е баш најадекватно во Република Грција поради економската криза и поради нивните избори, но сепак со една поддршка сметаме дека ќе можеме да им докажеме на нашите сојузници во НАТО дека Република Македонија треба да направи чекор напред во оваа насока и дека за тоа е спремна и способна, рече Хојс.
На средбата се дискутирало и за билатералната и регионална соработка. Главниот концепт за кој се дискутирало е концептот „паметна одбрана“, во искористување на заедничките капацитети и ресурси во одбраната и нивно ефикасно искористување на билатерално и регионално ниво.
На средбата станало збор и за неколку конкретни проекти како АП „Криволак“, каде армијата на Република Словенија веќе има реализирано вежби, школувањето на македонски офицери во Командно-штабната академија на Словенија и идни проекти, како што се Центарот за екселенција, понуден од Словенија, Медицинскиот центар во Република Македонија и регионален проект за балканскиот медицински центар каде земјите од регионот би ги искористиле заедничките ресурси, со цел креирање мобилна медицинска екипа како поддршка на меѓународните мировни мисии и поддршка во услови на елементарни природни непогоди.
При посетата, Бесими оствари значајни средби и со државно-военото раководство на Република Словенија, меѓу кои и со претседателот Данило Тирк, со министерот за надворешни работи, Карл Ерјавец, и со началникот на Генералштабот на Словенечката војска бригадниот генерал Добран Божич.
За време на престојот во Република Словенија, министерот Бесими ја посети и Стопанската комора на Република Словенија каде беше одржана и презентација на Кластерот за одбранбена индустрија на Република Словенија и поединечни претпријатија.