Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од панел дискусијата на 6та по ред Текстилијада со наслов „Плата за живот – СЕГА И ВЕДНАШ“ која што се одржа во Штип. Целта на манифестацијата е да се отвори темата на локално ниво преку култура, уметност и дебати, да се склучат партнерства за започнување социјален дијалог за актуелните прашања кои ги засегаат сите особено работниците и младите лица во државата.
Вториот ден од Текстилијадата го отвори Градоначалникот на Штип кој што истакна дека овој настан е од особена важност и претставува бренд за градот Штип. Тој истакна дека кога гласно се говори за предизвиците можат да произлезат предлози, идеи и решенија кои се во интерес на работниците и на општината.
Министерката Тренчевска даде осврт на политиките и мерките креирани за време на пандемијата и економско- енергетската криза.
„Од 2020 година наваму се соочуваме со период на период на пандемија, економска и енергетска криза. За време на кризите, како Влада креиравме мерки насочени и кон реалниот сектор и кон социјалните ранливи категории. Изминатиот период со владиниот економски тим работиме на нови мерки во делот на справување со тешката зима, а со цел да помогнеме на најранливите, следната недела јавноста ќе биде информирана за новиот пакет мерки. Првиот квартал од годината, донесовме мерки за пензионерите, финансиска поддршка од 3000 денари и поддршка од 3000 денари за околу 36.000 корисници на Гарантирана минимална помош која ќе биде исплатена следната недела,“ рече Тренчевска.
Во делот на измените на Законот за работни односи и правата на работниците Тренчевска истакна дека Социјалниот дијалог не е затворен институциите не се затворени. Таа посочи дека сите мерки кои се носат од надлежностите на Министерството за труд и социјална политика се донесени со вклучување на граѓанскиот сектор.
„Секогаш јавно зборувам дека експертизата доаѓа од граѓанскиот сектор, контактите од општините се од граѓанскиот сектор, предлозите кој што ги даваат се дел од законите кој што се имплементираат и се во фаза на изработка,“ додаде Тренчевска.
Министерката рече дека финалната нацрт верзија ќе биде тема на јавните дебати, ќе биде објавена на официјалната страна на Министерството за труд и социјална политика со цел добивање на конструктивни критики од сите релевантни фактори за да може да се формира закон кој што одговара на сите.
Таа исто така истакна дека во граѓанските организации гледа стратешки партнери и посочи дека секоја критика носи кон подобри резултати во делот на креирање на политиките.