Министерството за транспорт и врски денеска го објави јавниот оглас за распределба на 48 станови во социјалната зграда во Свети Николе.
Јавниот повик трае 30 дена и на него може да аплицираат шест категории на граѓани согласно Одлуката за распределба на социјални станови и тоа: Деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни - природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите како и самохрани родители со малолетни деца.
Увид во зградата денеска направија министеот Бочаврски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Ѓорѓијев и претставници од Центарот за социјални работи во Свети Николе.
„Продолжуваме со политиките за создавање на праведно општество во кое се грижиме за намалување на социјалната нееднаквост во нашата земја. Сакам да апелирам до граѓаните кои ги исполнуваат условите да аплицираат за социјален стан, доколку имаат потешкотии при комплетирање на потребната документација, без двоумење да се обратат до Комисијата и до Центарот за социјални работи од каде им стојат на располагање. Грижата за социјално ранливите семејства кои по било кој основ останале без дом е повеќе од потребна. Тоа што ние како обврска мораме да го обезбедиме е да понудиме решенија, да обезбедиме похумани услови и да ги вратиме во општествениот живот рамноправни со сите”,изјави министерот Бочварски.
Инвестицијата е во вредност од 84 милиони денари.
„Објектот се состои од приземје, четири ката и поткровје со вкупно 48 станови. Становите се со површина од 35 до 47 метри квадратни. Со оглед на успешноста на проектот, АД е во интезниви преговори со Банката за развој при Советот на Европа за продолжување на проектот за изградба на станбени социјални објекти и во други општини.“ изјави Зоран Ѓорѓијев, директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.
Министерот Бочварски додаде дека со измените на Законот за градење се утврди најповолниот модел за поставување на фотонапонски централи за граѓаните и правните лица. Тој потенцира дека аплицирањето може да биде само со лична карта, проект и имотен лист, без да се бара дозволи од општините.