Премиерот Ковачевски за „BBC“: Нашите граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ и да живеат достоинствено во својата држава

Сите политички партии имаат одговорност да носат одлуки кои ќе донесат подобра иднина за идните генерации, рече премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за „BBC“.

„Ние имаме два концепти во државава. Едниот концепт, кој јас го водам, е дека Македонците и сите други граѓани на Северна Македонија, со кренати глави, со достоинство, треба да седнат на големата маса во Брисел и да го кажат својот став за сите прашања, да преговараат и да станат членови на ЕУ. Другиот концепт е со лажно достоинство, да седнат на малата маса тука, во Северна Македонија, сами, изолирани, во конфликт со соседите, без разговори со ЕУ. Ова седење на мала маса, со лажно достоинство, го гледавме со години. Сите политички партии имаат одговорност да носат одлуки кои ќе донесат подобра иднина за идните генерации. Бидејќи, на крајот  знам дека овој процес ќе биде тежок, преговорите ќе бидат мачни, свесен сум за тоа, сите граѓани се свесни за тоа, но наградата е членство во ЕУ, бидејќи македонските граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ, сакаат да живеат во ЕУ, но во нивната држава тука, а не да ја напуштат нивната земја и да работат во земјите членки на ЕУ“, подвлече премиерот Ковачевски.

Ковачевски додаде дека најлесно е да се биде политичар кој зборува за минатото, бидејќи кога зборувате за минатото, не ветувате ништо, само играте со емоциите на луѓето, а тешко е да се биде политичар кој зборува за иднината, зашто тогаш давате ветување.

Премиерот Ковачевски се осврна и на договорот кој го потпишавме со ЕУ, на македонски јазик, без фусноти, без објаснувања.

„Во овие преговори ние имавме неколку цели и ги постигнавме. Прво: чист македонски јазик во ЕУ. Второ: чист македонски идентитет, на Македонците и почеток на преговорите со ЕУ што и се случи на 19 јули. Дополнително, историските прашања да бидат надвор од преговарачката рамка. Ја споменавте работата на историската комисија“, рече премиерот Ковачевски.