„Нашето партнерство и финансиската поддршката од Европската Унија и Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) резултираа со успешно реализирање на проектот ‘’Воведување на Национална Програма за консолидација на земјиштето МАИНЛАНД’’, што ја позиционира Република Северна Македонија како лидер во регионот во спроведување на вакви сложени структурни земјишни реформи“ изјави денеска министерот Николовски во своето обраќање на настанот организиран од страна на Канцеларијата на ФАО во Северна Македонија. На настанот беа презентирани резултатите од петгодишниот проект „МАИНЛАНД’’ и се најави почетокот на нов петгодишен проект „Унапредување на консолидација на земјиште во Северна Македонија“.
На настанот учествуваа и имаа свое обраќање и Амбасадорот и Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија г-дин Дејвид Гир, и заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија и Шеф на канцеларијата на ФАО во Северна Македонија, г-дин Набил Ганги. Исто така, присутни беа и претставници на други институции, земјоделски здруженија и земјоделци од консолидираните подрачја.
Процесот на консолидација или окрупнување на земјишните парцели, започна пред пет години (2017 година), период во кој беа реализирани сите зацртани цели.
Повеќето земјоделски стопанства во Северна Македонија се помали од два хектари, наспроти 16,6 хектари просечна големина на земјоделските стопанства во Европската Унија. Дополнително, малите земјоделски стопанства во државата се расцепкани на пет или повеќе ситни парцели со неправилна форма, оддалечени една од друга, што ја намалува продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на фармите и оневозможува инвестиции во модернизација.
Владата на Северна Македонија ја препозна потребата од воведување на консолидација на земјиштето, за да се реши прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделските стопанства, како главен структурен проблем за напредокот на македонското земјоделство. Токму затоа, Министерството со финансиска поддршка на Европската Унија и ФАО, со вкупна вредност од 2,8 милиони евра во рамки на проектот МАИНЛАНД, им помогна на земјоделците од 9 консолидациони подрачја да се справат со расцепканоста на земјиштето преку окрупнување. Планирањето на распределбата на земјиштето беше спроведено преку транспарентен и партиципативен процес, во постојана консултација и преговори со сите сопственици на земјоделско земјиште.
Придобивките од консолидацијата на земјиштето се многубројни. Добрата структура на земјиштето и пристапот до потребната инфраструктура, овозможуваат поголема ефикасност и профитабилност на производството, како и можност за земјоделците да инвестираат во модернизација и зголемување на обемот на производството. Тоа влијае и на подобрување на животниот стандард и можностите за развој на руралните средини.
„Денес зборуваме за подготвени планови за консолидација на земјоделско земјиште во 9 подрачја: Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево. При тоа, во Егри е целосно изградена и земјоделска инфраструктура, а тој процес ќе продолжи и во останатите подрачја. Во рамките на проектот МАИНЛАНД опфатени се 4.700 хектари земјоделско земјиште при што директни корисници се околу 6.267 сопственици на земјиште, нивните семејства и заедници. Од моите теренски посети, со сигурност знам дека земјоделците се задоволни од сработеното. Тие со голема доверба го поздравуваат процесот на консолидација, целосно разбирајќи дека крајниот бенефит од ваквата сложена земјишна реформа е пред се во нивни интерес“ изјави Николовски.
Светската економска криза го зголеми фокусот на безбедноста на храната во Европа и во Северна Македонија, што го прави земјоделското производство уште поважно од порано со цел да биде попродуктивно, а фармите да бидат конкурентни и отпорни на идни шокови.
„Малите семејни фарми се заштитната мрежа и столбот на македонското земјоделство, со што се подобрува структурата на земјоделското земјиште за да се зголеми нивната продуктивност, развојниот потенцијал и издржливоста, е во срцето на проектот МАИНЛАНД, од почетокот во 2017 година. Процесот не беше ниту брз, ниту едноставен, бидејќи стотици сопственици на земјиште беа вклучени во процесот чекајќи да ги видат нивните подобрени ниви“ изјави шефот на канцеларијата на ФАО во Северна Македонија, г-дин Набил Ганги кој упати честитки до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за постигнатиот успех. Тој посочи дека Северна Македонија е лидер во регионот и одличен пример за останатите региони со кои треба да го споделиме искуството.
Европската Унија е наш силен поддржувач за сите проекти кои МЗШВ ги работи со нивна финансиска поддршка. Абасадорот Дејвид Гир искажа задоволство од соработката со МЗШВ и ФАО и посочи дека Европската Унија и понатаму ќе ја поддржува Северна Македонија на патот на интеграцијата во семејството на ЕУ. „Како потврда на моите зборови е одобрувањето на новиот петгодишен проект за консолидација кој започнува од денес. Како што кажа и министерот, задоволен сум од позитивната реакција на земјоделците кои сега самите бараат консолидацијата да продолжи и во други подрачја каде тоа е изводливо“ изјави амбасадорот Гир.
Со цел понатамошно унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија, Европската унија одобри нов проект од ИПА програмата за поддршка, насловен „Унапредување на консолидација на земјиште во Северна Македонија“, кој е ко-финансиран од ФАО. Новиот проект е со вкупен буџет од 1,2 милиони евра и има за цел да ја продолжи успешната приказна на МАИНЛАНД со фокус на подобрување на националната политика, институционалната и регулаторната рамка за консолидација на земјиштето. Исто така, проектот ќе развие и нова Национална стратегија за консолидација на земјиштето за периодот 2022-2030 година со Акционен план и целосно спроведување на проекти за консолидација на земјиштето во две консолидациони подрачја Дабјани (Општина Долнени) и Чифлик (Општина Чешиново-Облешево), комбинирани со изградба на земјоделска инфраструктура.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го продолжи процесот на консолидација и понатаму. Од вкупно 9 проекти за консолидација, во Егри е спроведена и земјоделска инфраструктура, а за останатите подрачја министерството планира во наредниот период изградба на рурална инфраструктура преку Програмата за рурален развој. Преку ваквите проекти го јакнеме македонското земјоделство и им помагаме на малите фармери да станат силни и конкурентни со што обезбедуваме национална сигурност за доволно храна.