Нови закони за индустриски и еколошки зони за економски развој на општините
Во владина процедура веќе е закон за индустриски зони и за еколошки зелени зони и се очекува за околу четири недели да биде испратен во Собранието на Република Македонија, со цел да се поттикне локалниот економски развој на општините.
Како што денеска најави премиерот Никола Греувски, се предвидува законско уредување на индустриски зони од страна на општините, за привлекување нови инвеститори независно дали тоа ќе бидат домашни или странски.
- Општините ќе треба да формираат јавно претпријатие кое ќе се занимава со уредување, одржување и изградба на овие индустриски или еколошки зони. Со тоа многу компании во Македонија или оние кои сакаат да отворат фирми и да почнат производство, ќе можат да дојдат до земјиште со решени инфраструктурни проблеми како што се водовод, канализација, електрична енергија, пристапни патишта, а од друга страна почетната цена на земјиштето ќе биде 1 евро за квадрат, изјави Груевски по пуштањето на локалниот пат Таор-Ржаничино. Тој информира дека индустриските зони ќе бидат наменети за лесна и незагадувачка индустрија, додека еколошките повеќе ќе бидат наменети за производство на органска храна, обновливи извори на енергија...
Според премиерот Груевски, тоа ќе биде добра можност за општините, но најмногу за бизнисмените да најдат добро и евтино земјиште со добра инфраструктура и со тоа да отворат нови работни места, што е и крајната цел на владините политики.
По барање на новинарите да го коментира стартот на проектот „Купи куќа, купи стан“, Груевски го оцени како успешен почетокот на проектот кој треба да трае четири години.
- Верувам дека во овие четири години многу граѓани ќе го искористат, исполнувајќи ги законските услови, и ќе дојдат до заем со елементи на грант, со што ќе им се олесне купувањето куќа или стан, а ќе го решат прашањето со купување сопствен дом, рече Груевски.
Тој посочи дека кратко време по донесување на законот, со брзи подготовки и реализирани процедури, што се однесува до барателите, доделени се првите 50 субвенционирани кредити.
На новинарско прашање за најавените протести денеска, премиерот Груевски ја повтори пораката упатена за вчера одржаните протести во врска со акцијата „Монструм“, без разлика на етничката припадност на учесниците во протестите.