Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и со градоначалникот на Општина Валандово Перо Костадинов денес во Јосифово, Општина Валандово присуствуваа и се обратија по повод новоизградената градинка „Детелинка”.
Оваа градинка е изградена во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка на Светска банка.
Покрај тоа што со градинката се решава долгогодишниот проблем со сместувачки капацитети во предучилишното образование во Јосифово, новиот објект обезбедува современи просторни услови за престој на децата прилагодени на нивната возраст и на образовниот метод за учење преку игра.
Оваа градинка ќе згрижи околу шеесетина деца. Пуштањето во употреба на новата градинка во село Јосифово, не значи само згрижени и безбедни деца, туку отворање нови работни места.
Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:
„Ништо не е поубаво од среќни деца. Ние возрасните сме среќни кога децата се здрави, кога безгрижно играат, учат, а наша должност е да им го овозможиме сето тоа.
Вложувањето во рана предучилишна едукација, во образование, значи вложување во иднината на државата. За мене, секое дете е важно, денеска ова е посебен момент - селото Јосифово, во Општина Валандово, добива нова детска градинка. Зарем има поубаво име за така убава установа, како асоцијација на среќа - „Детелинка“. Во оваа градинка на среќата ќе бидат згрижени околу шеесетина деца поделени во три воспитни групи. Навистина се гордеам што со новите градинки решаваме голем проблем на родителите. Правиме сé за повеќе да не треба да се грижат кој ќе ги чува нивните деца за тие да се посветат на работните или семејните обврски.
Проектот за изградба на нови градинки низ државата рамномерно ги опфаќа сите градови и места каде има потреба од згрижување на деца. Благодарение на бројните мерки што ги презедовме досега, постигнуваме резултати. За прв пат во историјата на државата со поддршка на Владата предводена од СДСМ се изградени 72 градинки, во кои се згрижени околу 4.800 нови деца. За прв пат 10 населени места добија градинки, а клонови на јавни установи се направени во уште 17 населени места. Како Влада обезбедуваме услови за оптимален развој на детето, помагаме на родителите во воспитување на децата, бидејќи важно е што поголем број деца да одат во градинка и да стекнуваат добри навики уште во најраната возраст.
Пуштањето во употреба на новата градинка во село Јосифово, не значи само згрижени и безбедни деца, туку отворање на нови работни места. Во оваа нова градинка има 13 нови вработувања, ова е уште една потврда дека заложбите на Владата се рамномерен регионален развој, нови добро платени работни места. Владата предводена од СДСМ, платите во градинките ги зголеми за 21%, а со потпишувањето на измените на Колективниот договор, што преку дијалог го остварија Министерството за труд и социјална политика и СОНК, веќе од септември, вработените во дејноста згрижување и воспитание, плата на воспитувачките, негувателите и стручниот кадар во градинките ја покачивме за 15%. Со Законот за минимална плата, покачување доби и техничкиот персонал.
Јас на почетокот од мојот мандат ветив дека Владата што ја предводам соодветно ќе одговори на енергетската криза, ќе обезбедува сигурност, услови за подобар живот и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани и за нашите деца. И сето тоа го правиме, секоја општина, секое населено место, секое парче од оваа земја за нас подеднакво е важно, стари, млади, родители, деца, студенти, ученици, вработени, невработени, социјални случаи, најранливи категории граѓани, ние не исклучуваме и не изоставивме никого.
Во време на тешка здравствена и економска криза, ја зголемивме минималната плата, ги покачивме пензиите. Пензионерите кои имаат најмали пензии овие четири месеци ќе добијат дополнителна финансиска, помош никој не треба да се мисли дали да купи млеко или потребниот лек, дали ќе има леб, ако плати струја.
Поддршка добија и ранливите категории граѓани. Ја субвенционираме струјата, за сметките да бидат 5 пати пониски во однос на тоа што би го плаќале граѓаните. Децата, учениците мора да одат во училиште, нема изостанување од настава поради греење, затоа донесовме мерки за училиштата и болниците да набавуваат поевтина струја.
Среќни деца се наша среќна иднина, наша убава старост, оваа е ново време, кое бара решителни и одлучни политичари. Ние на овие деца треба да им создадеме иднина, овде на оваа тло, тоа е патриотизам, тоа е љубов кон земјата. Јас предводам Влада која се стреми низ независните институции и правично општество да им служи на интересите на граѓаните. Моја цел е на овие деца да им овозможам европска иднина, европско образование, европски стандард, живот во безбедна, стабилна и економски силна држава.
Нека детската среќа биде почеток на секој работен ден во „Детелинка“, за убаво нека е!”